Оваа е достигнување на сите институции благодарение на одлучноста на секој граѓанин на оваа земја, ние треба да ви се заблагодариме за се она што успеавте да го завршите во минатата година. Достигнувањето е на сите граѓани и станува збор за заеднички резултати и на Владата и на опозицијата, рече во своето обраќање пред македонските пратеници Федерика Могерини, високата преставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност која во земјава престојува по повод врачувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.
Таа истакна дека државата е на вистинската патека кон ЕУ и порача дека треба сите заеднички да работиме за да има добри вести во јуни.
– После една тешка работа која успеавте да ја заршите, сега одговорност има и Владата, но и опозицијата од која, како то рече Могерини, се очекува да биде конструктивна во своето делување.
Владата, додаде Могерини, има одговорност да и отвори простор на опозицијата за целокупна вклученост, а опозицијата има одговорност да се вклучи во целата оваа работа.
-Ова е тешка работа, но вие успеавте да ја завршите. Ова е препознавање на завршеното. Имресивно е тоа што го направивте во однос на реформите. Имате одговорност да ги идентификувате националните интереси и приоритети на вашата земја, имате колективна одговорност да соработувате во институциите за да постигнете резултати во националните приоритети – додаде Могерини и повика земјата да продолжи по зацртаниот пат и да ги продлабочи реформите.
Таа потсети и на случувањата во Собранието од 27 април 2017 година забележувајќи дека поминала најтешката политичка криза за земјата.
-Кога ќе се сетам што се случувше тука, во Собранието пред една година и што се случува сега можам да кажам дека поминавте долг пат. Позитивно е што се вративте на патот, ја поминавте најлошата политичка и институционална криза, со која некогаш сте се соочиле. Препораката е големо достигнување за сите во земјата и таа е пред се достигнување кое се постигна благодарение на одлучноста на секој граѓанин на оваа земја – рече Могерини.
Високата претставничка на ЕУ, во врска со преговорите со Грција за името изрази уверување дека ќе се најде решение кое ќе ги задоволи двете страни и ќе биде основа за идната обединетост на европскиот континент.
– Одговорност, визија, прагматизам и храброст ќе бидат потребни. Време е да почнеме да трчаме, да трчаме заедно, да трчате еден со друг и со вашите соседи и убедена сум дека со таква трка ќе стигнете далеку – им порача Могерини на пратениците.