Министрите за одбрана на ЕУ денешниот неформален состанок во Хелсинки првпат ќе разговараат за безбедносните аспекти на климатските промени, посочи утрово шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини.
– Утрово ќе продолжиме со агенда која е многу фокусирана на одговорноста на Европската Унија во однос на безбедносните предизвици со кои се соочуваме глобално, ќе почнеме со дискусија за безбедноста, одбраната и климатските промени… Како Европска Унија согледуваме дека климатските промени претставуваат безбедносна закана, така што првпат ќе разговараме за оваа поврзаноста со министрите за одбрана – изјави Могерини.
На агендата на министрите ќе се најдат и кибер нападите и морската безбедност, како и безбедносниот ризик кој произлегува од вештачката интелигенција.
Во Хелсинки се и министрите за надворешни работи на ЕУ кои ќе разговараат приоритетно за ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток
– Имаме полна агенда. Тешки времиња, кога мислам дека земјите членки се свесни дека единствен начин да се справиме со предизвиците – било да се тоа морската безбедност, климатските промени, хибридните закани, вештачката интелигенција, Блиски Исток или други ситуации како Балканот – е заедно како Европејци – повика Могерини.
Таа додаде дека светот очекува од ЕУ да „ја одигра улогата што може да ја одигра“ за да осигури мултилатерален пристап кон кризите во светот.
ФОТО: EPA / IGOR KOVALENKO