По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, кој се одбележува денеска, високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини истакна дека „слободниот печат не е само весник за сигурни и точни информации, туку е и столб на демократијата“.
– Слободни, разновидни и независни медиуми се основа на плуралистичко и отворено општество. Истражувачкото новинарство има улога на неопходно надзорно тело кое и помага на јавноста за одговорно држење на власта и институциите на сите нивоа. Сепак, се почесто сме сведоци на обиди за ограничување на местото за слободни медиуми, додека нивниот кредибилитет постојано се доведува во прашање и многу новинари го дадоа својот живот и ризикуваат поради откривање непријатни вистини – се наведува во соопштението на Европскиот совет.
Могерини напоменува дека светот на денешниот ден ќе се потсети на сите предизвици со кои медиумите се соочуваат во период на дезинформации, како и на потенцијалната улога на медиумите за да ја поддржат демократијата, мирот и помирувањето.
– Дезинформациите имаат голем потенцијал негативно да влијаат врз демократските процеси и јавните дебати низ целиот свет, а Европската унија не е изземена од тоа – порача вчера Могерини.
Според неа, токму поради тоа е покренат Акциски план на ЕУ против дезинформации, чија цел е зајакнување на општеството во борбата против дезинформациите.
Светскиот ден на слободата на медиумите се одбележува од 1991 година секој 3 мај.