Могерини: Преспанскиот договор е уникатна можност, може да не се повтори

461

Преспанскиот Договор е уникатна прилика за помирување и затворање на дводеценискиот спор помеѓу Скопје и Атина и оваа прилика може да не се повтори веќе, порачува високата претставничка за безбедносна инадворешна политика на Европската унија, Федерика Могерини во интервју за МИА.

Утре ќе се знае дали постои потребно мнозинство во македонското собрание за имплементирање на Преспанскиот Договор. Која е вашата порака во овој миг?

– Ја имав привилегијата да присуствувам на потпишувањето на Договорот помеѓу премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев во јуни покрај Препсанското Езеро. Двете страни покажаа политичка храброст, лидерство, одговорност и работеа неуморно за да ги премостат разликите и старите проблеми и да го постигнат овој историски договор кој цела Европа го поздрави.

Сега има национални процедури за имплементација на договорот што се одвиваваат во двете страни и тоа треба да биде заштитено и почитувано. Ги разбирам чувствителностите и комплексната историска позадина на спорот, како и изразените загрижености. Спорот не постоеше толку долго без причина, меѓутоа, како што видовме во минатото, колку повеќе времето минува, толку е потешко да се изнајдат решенија. Преговарачкиот процес мора да бил болен и резултатот е компромис. Но, е компромис со кој успешно се исполнуваат клучните интереси на двете страни. Нашата позиција е јасна: ЕУ целосно го поддржува постигнатиот договор. Ова е уникатна можност за помирување на Западниот Балкан која можеби нема да се повтори. Се надевам дека сите страни ќе ги зграпчат моментот и дека ќе обезбедат иднина во ЕУ за земјата, иднина која цела нација се надева со години да стане реалност.

Дали позитивен резултат значи забрзување на процесот на проширување?

– Помирувањето, регионалната соработка и добрососедските односи играат клучна улога во нашиот ангажман во Западниот Балкан и е клучен принцип на процесот на проширување, така што решавањето на така тежок спор е од огромна важност за регионот и прилика за напредување по патот кон ЕУ. Ако моментов се искористи мудро за да се напредува во реформите кои се потребни, тогаш пред нас е значаен прогрес. Земјите-членки го отворија патот за старт на преговори во јуни в година, врз база на јасни услови. Ова е дел од нашиот засилен ангажман во регионот, кој е од интерес за сите, и за земјите членки и за регионот.

Ако Договорот помине ќе донесе ли повеќе стабилост во регионот?

Постигнатиот историски договор може да придонесе за трансформација на целиот регион на Западниот Балкан. Негувањето добрососедски однос ни помага да работиме заедно за да се справиме со многуте предизвици и прилики кои ги споделуваме, вклучително во области како миграцијата. Бегалската криза покажа дека војни кои започнуваат далеку од Брисел или Скопје можат да имаат импакт, порано или подоцна, во Европа. Западниот Балкан е во срцето на Европа, ние сме взаемно зависни. Верувам дека заедно можеме да постигнеме многу за просперитетот, безбедноста и стабилноста на нашите народи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...