Могерини – Пендаровски: Северна Македонија треба да добие датум за преговори

300

Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Брисел оствари билатерална средба со заменик-претседателот на Европската комисија и висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, соопшти кабинетот на Пендаровски.

На средбата, Македонија уште еднаш доби силно признание за сработеното од заменик-претседателот на Европската комисија и висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика.

– Федерика Могерини истакна дека останува цврсто на ставот дека Северна Македонија треба заедно со Албанија да добие датум за отпочнување на преговорите во периодот јуни – јули. Ова, посочи таа, ќе го препорача на сите министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, во текот на наредната недела.

Од регионот, беше посочено на средбата, доаѓаат и добри вести, а договорот од Преспа и договорот со Бугарија се примери како можат тешките прашања да се затвораат со храбри одлуки.

Република Северна Македонија е единствена во регионот која ги има затворено сите прашања со соседите, во која функционираат институциите и во која постои определба и волја и во која се работи на исполнување на реформските процеси, се вели во соопштението.

Претседателот Пендаровски рече дека граѓаните поради се што е направено и заслужено, очекуваат нашата држава да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија. Тоа, посочи Претседателот, ќе биде од значење и за стабилноста на регионот. Тој ги повика лидерите на земјите-членки на Европската унија да ја зачуваат кредибилноста на проширувањето, врз основа на јасни и праведни критериуми за членство, во согласност со индивидуалните заслуги и постигнувања на секоја земја од регионот.

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...