Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан повикаа на смиреност и воздржаност за најновите политички случувања во Молдавија.
Тие во заедничко соопштение навеле дека Европската Унија е подготвена да работи со демократската и легитимна влада на таа земја, а на основа на взаемна посветеност на реформите и основните принципи содржани во Договорот за проширување.
– Почитувањето на владеењето на правото и демократијата треба да останат столбови на нашите односи. Тоа во прв ред е она што граѓаните на Република Молдавија го очекуваат и заслужуваат – се наведува во соопштението кое е објавено на сајтот на ЕУ.
Се додава дека дијалогот помеѓу демократски избраните претставници мора да остане клуч за пронаоѓање на решение на моменталната политичка криза.
Молдавските партии се согласиле да формираат влада и да ја именуваат Маја Санда, ексминистерка за образование и советник на Светска банка, за премиерка за да ја намалат моќта на олигарсите во една од најсиромашните земји во Европа, со што е прекинат повеќемесечниот застој во Собранието по парламентарните избори одржани во февруари.
Меѓутоа, нивниот сојуз предизвика судир со Демократската партија на Молдавија и Уставниот суд, кој го разреши претседателот Игор Додон и го постави поранешниот премиер Павел Филип за привремен претседател.
По ова Филип го распушти парламентот и потпиша декрет за одржување на вонредни избори во септември.