Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, во име на ЕУ, ги осуди терористичките напади во Нов Зеланд и испрати сочувство и понуди поддршка за луѓето и властите во таа држава.
-ЕУ изразува искрено сочувство до семејствата и пријателите на жртвите на двата терористички напада што се случија денеска во Крајастчрч, Нов Зеланд. Целосно сме обединети со граѓаните и властите на Нов Зеланд во ова исклучително тешко време и ние сме подготвени да ги поддржиме на кој било начин, вклучувајќи и зајакнување на нашата соработка во борбата против тероризмот, рече Могерини.
Таа оцени дека нападите врз верски места се, всушност, напади врз оние што ја ценат различноста и слободата на религијата и изразувањето.
-Таквите дела ја зајакнуваат нашата одлучност заедно со целата меѓународна заедница да ги решиме глобалните предизвици на тероризмот, екстремизмот и омразата, заклучи Могерини.