МНР почна постапка за скандалот на амбасадорот Наумовски

706

Во Министерството за надворешни работи во тек е постапка за расчистување на случајот со амбасадорот на Македонија во САД, Васко Наумовски кој неодамна за време на посетата на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска на САД, воопшто не стапил во контакт со делегацијата, ниту пак се појавил на некоја од средбите, објави МКД.мк.

-Амбасадата на Македонија во Вашингтон беше информирана за посетата на вицепремиерката и министерката за одбрана Радмила Шекеринска на САД. Амбасадорот Васко Наумовски не ја пречека, ниту пак ја испрати делегацијата од МО, воопшто не стапи во контакт со делегацијата, ниту пак изрази каков било интерес за текот на посетата. Недозволиво е за вака исклучително значајна посета, без разлика дали бил формално предвиден во нацрт–програмата на Министерството за одбрана, амбасадорот да не се појави – се вели во одговорот на МНР на прашањата на МКД.мк.

Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска по враќањето од Вашингтон за ТВ Телма изјави дека амбасадорот на Македонија во САД, Васко Наумовски ниту ја пречекал ниту ја испратил по нејзината посета и средбите со највисоки функционери во Пентагон и во Стејт департментот.

-Се согласувам дека е скандалозно да нема интерес да биде на тие средби, кои по цели 6 години повторно се на највисок ранг – рече Шеќеринска.

Таа смета дека е сосема легитимно правото на амбасадорот да биде со друго политичко убедување, но не го разбира потегот на Наумовски да постапува така кога се во прашање државни работи.

Но, ова не е првпат Наумовски да не ги почитува правилата на службата. Во јануари, во улога на преговарач во спорот за името, по средбата со грчкиот преговарач Адамантиос Василакис и медијаторот Метју Нимиц, тој без претходно да ги информира надредените и без консултација во изјава за медиум даде оценка на предлозите што Нимиц им ги доставил, нарекувајќи ги “ далеку од достоинствено решение“.

Оваа негова изјава беше протолкувана како изјава на партиски војник, а не на дипломат. Кусо време потоа Наумовски беше изземен од преговарачкиот тим.

Наумовски во Владата на Груевски беше вицепремиер за евроинтеграции, по што во ноември 2014 година беше назначен за амбасадор на Македонија во САД. Неговиот мандат истекува годинава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...