Министерството за надворешни работи соопшти дека продолжува со редовното следење на состојбата во врска со ширењето на коронавирусот и мерките што се преземаат за негово сузбивање, а посебно внимание се посветува на државјаните кои престојуваат во загрозените подрачја, посебно во градот Вухан и поширокото подрачје.
Од Министерството посочуваат дека преку Амбасадата во Пекинг, се во редовен контакт и со нашите сонародници во другите градови и региони во Кина. Воедно, укажуваат дека во моментов не се организираат целосни евакуации на странски државјани од Пекинг и од другите делови на Кина.
„Во случај на нивно организирање, Амбасадата на Република Северна Македонија навремено ќе ги информира државјаните на Република Северна Македонија кои се наоѓаат на територијата на Народна Република Кина и ќе ги извести за потребната процедура. Нашите државјани, по свое убедување и во сопствен аранжман, можат и самостојно да се вратат во земјата, почитувајќи ги прописите од надлежните органи на секоја држава на транзитирање“, се наведува во соопштението од МНР.