Никој не се јавува во Министерството за надворешни работи (МНР) за нашите тројца граѓани (двајца мажи и една жена) коишто се наоѓаат во карантин поради коронавирусот на крузерот во Јапонија, како и за Македонката која го издржува карантинот на југот од Франција.
Од МНР за Плусинфо изјавуваат дека редовно ја следат здравствената состојба на овие наши граѓани:
– Информираме дека Амбасадата на Република Северна Македонија во Париз е во комуникација со македонската државјанка која што се наоѓа во карантин во Франција. Лицето информираше дека е во добра здравствена состојба, како и дека условите во кои се наоѓа се одлични, со постојан медицински надзор од страна на надлежните медицински служби. Амбасадата на Република Северна Македонија во Токио оствари директна комуникација со тројцата македонски државјани кои се наоѓаат на бродот „Diamond Princess”, во Јокохама, Јапонија. Станува збор за двајца мажи и една жена, членови на екипажот и се наоѓаат во добра здравствена состојба – велат од МНР.
Оттаму додаваат:
– Досега никој не се јавил кај нас за информација за нашите државјани кои се во карантин поради коронавирусот, можеби се јавуваат директно во Токио во нашата амбасада. Нема барање до нас за информација ниту од мајката од Велес, чија ќерка, како што таа изјави, е една од тројцата заробени на крузерот во Јапонија. Ние стоиме на располагање, кој сака може да се јави во МНР и да добие информации – тврдат во МНР.
Оттаму нагласуваат дека освен редовни соопштенија до медиумите, корисни информации и препораки за патување, Министерството за надворешни работи и сите дипломатско-конзуларни претставништва на Република Северна Македонија, како дел од проектот Global SOS, располагаат со дежурни мобилни телефони, достапни 24 часа, на кои граѓаните може да се јавуваат во врска со добивање корисни информации за подрачјата зафатени со коронавирусот.
Од ова Министерство нагласуваат дека посебно внимание им се посветува на државјаните кои престојуваат во загрозените подрачја – посебно во градот Вухан и поширокото подрачје. Исто така, Министерството, преку Амбасадата во Пекинг, е во редовен контакт и со нашите сонародници во другите градови и региони во НР Кина.