Многу поопасно е да пиете вода од пластично шише, отколку да внесете сол „зачинета“ со микропластика

Тешко е да се откаже човек од комодитетот и ниската цена кој го овозможуваат пластичните материјали околу нас. Пластиката околу нас го промени и бон-тонот. На пример, пред појавата на пластичните шишиња срамно беше да пиеш вода од шише (стаклено), сега сите и по улици пијат вода од пластични шишиња!? Заштитата на животната средина може да се подобри преку свеста на поединецот и употребата на разградлива пластика.

11401

Дури 90 отсто од солта што ја користиме за јадење содржи микропластика! Оваа фрапантна вест е од новата студија во која истражувачите ја испитувале морската, камената и солта добиена од езерата. Од 39 марки сол што ја тестирале истражувачите од Јужна Кореја, заедно со колегите од Гринпис од источна Азија, вкупно 36 содржеле микропластика. Колку е опасно да користиме ваква сол „зачинета“ со микропластика?

– Микропластика е секаков хемиски вид пластика чија големина е видлива, односно е помала од 5 милиметри. Ако се има предвид технологијата на добивање сол од морска вода или вода од солени езера, присуството на микро пластика во солта е доказ за загадување на животната средина. Присуството на микропластика и други примеси (ако ги има) во камената сол потекнува од самиот процес на обработка. Сиот проблем со присуство на микропластиката во животната средина е тоа што таа има влијание и на циклусот на храна која ја консумира човекот и животните. Ефектот на микропластиката во солта (ако ја има) врз човековото здравје е занемарлив и може, генерално, да се третира како механички примеси во храната кои како такви не се подложни на разградување во организмот – вели за Плусинфо д-р Богдан Богданов, професор по органска хемија на Институтот за хемија при Природно математичкиот факултет во Скопје.

Што е поопасно за здравјето – дали консумирање на ваква сол или тоа што сѐ повеќе луѓе пијат вода од пластични шишиња? Кои молекули се поштетни?

– Микропластиката и пластиката, всушност се поопасни поради тоа што испуштаат помали молекули кои се присутни во пластиката и кои во организмот се вклучуваат во метаболизмот и може да имаат штетно влијание по здравјето на консументите. Тие помали молекули (пластификатори, остаточни мономери, бои и други) се дел од технологијата на добивање на полимерни материјали. Секако, во мали честички (микропластика) има помалку вакви молекули отколку во цело пластично шише. Многу поопасно е да пиеш вода од пластично шише, отколку да внесеш мали молекули во организмот. Од пластичните пакување секогаш постои миграција на мали молекули од пластиката кон храната (водата) и постојат регулативи за минимално дозволена концентрација на вакви состојки. На Институтот за хемија при ПМФ се вршени вакви анализи. Количеството на миграција на молекули од пластиката кон водата зависи од густината (порозноста) на пластиката. Јас лично пијам вода од чешма, а кога патувам пијам вода од пластично шише кое го полнам со обична вода – вели тој.

И Европскиот парламент вчера предложи забрана за пластика за еднократна употреба која би почнала да важи од 2021 година. Забраната се однесува на пластични прибори за јадење и пиење, сламки, стапчиња за уши и други слични предмети, а утврдено е дека дури 70 отсто од загадувањето во океаните произлегува од овој вид пластика. И влажните марамчиња ќе бидат одбележани при продажба. Колку штети на здравјето употребата и на пластичен прибор за јадење, пластични чашки, а која е опасноста по здравјето од влажните марамчиња – продираат ли микропластичните честички во кожата или опасноста е од загадување на околината?

– Секако, употреба на повеќе пластика во секојдневниот живот повлекува поголемо внесување на штетни супстанци преку храната и поголемо загадување на животната средина. Треба да се нагласи дека постои и разградлива (деградибилна) пластика која во природата побрзо се разложува, во споредба со класичната пластика. Ваквите забрани (закони) ќе го забрзаат процесот на поголема употреба на разградлива пластика (која е поскапа) и на тој начин ќе се решава проблемот на загадување на животната средина. Меѓутоа, останува проблемот на помалите молекули кои доаѓаат од технолошкиот процес и кои се штетни за човековото здравје. Влажните марамчиња имаат пластична апретура која има помала опасност од микропластика, ама кај нив поголем проблем е типот на дезинфекционото средство. Регулативата на ЕУ за нас понекогаш е чудна, ама времето ќе покаже дали и колку некоја од тие регулативи се бесмислени – вели Богданов.

Како што помалку да користиме пластика за еднократна употреба во секојдневието? Како да се ресетираме и да ги смениме навиките за да се заштитиме и себеси, но и околината?

– Тешко е да се откаже човек од комодитетот и ниската цена кој го овозможуваат пластичните материјали околу нас. Пластиката околу нас го промени и бон-тонот. На пример, пред појавата на пластичните шишиња срамно беше да пиеш вода од шише (стаклено), сега сите и по улици пијат вода од пластични шишиња!? Заштитата на животната средина може да се подобри преку свеста на поединецот и употребата на разградлива пластика – додава професорот Богданов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...