ММФ: Монетарната политика е соодветна, банкарскиот систем здрав

ММФ бележи дека Народната банка соодветно ги искористила поволните услови за зголемување на девизните резерви, притоа задржувајќи ја олабавената монетарна политика, преку понатамошно намалување на основната каматна стапка. Како клучни фактори што придонесуваат за олабавување на монетарната политика се издвоени ниската инфлација, солидниот раст на депозитите и поволните движења на девизниот пазар.

63

Монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем е здрав, оценува во Извештајот за земјава за 2019 година, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Народната банка појасни дека објавувањето на извештајот е финално заокружување на оцените од редовниот годишен преглед на македонската економија спроведен во ноември минатата година.

ММФ оценува дека Народната банка соодветно ги искористила поволните услови за зголемување на девизните резерви, притоа задржувајќи ја олабавената монетарна политика, преку понатамошно намалување на основната каматна стапка. Како клучни фактори што придонесуваат за олабавување на монетарната политика се издвоени ниската инфлација, солидниот раст на депозитите и поволните движења на девизниот пазар.

Банкарскиот систем, според оцените на ММФ, е здрав, добро капитализиран и ликвиден. Кредитниот раст е солиден, а нефункционалните пласмани и натаму се на релативно ниско ниво.

Во Извештајот се додава дека преземањето чекори за натамошно зголемување на денаризацијата на депозитите, заедно со внимателно осмислените мерки за намалување на девизното кредитирање на домаќинствата, доколку е тоа потребно, ќе придонесе за натамошно зајакнување на отпорноста на нашиот финансиски систем.

ММФ нагласува дека дополнителното зајакнување на рамката за финансиска стабилност и натаму е приоритет. Дадена е позитивна оцена за продолжувањето на активностите за зајакнување на супервизорската и регулаторната рамка, преземени во согласност со Програмата за детална проценка на финансискиот сектор (ФСАП) којашто беше спроведена во 2018 година.

Како што заклучува ММФ, истовремено се подготвува и регулатива со која ќе се зајакне макропрудентниот мандат на Народната банка и ќе се овозможи подобро утврдување на системските ризици во банкарскиот систем.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...