ММФ и Светска банка ќе им помагаат на држави погодени од коронавирусот со повеќе од 60 милијарди долари

Кризниот финансиски пакет беше усвоен откако вирусот се побрзо се шири надвор од Кина во повеќе од 70 земји низ целиот свет.

88

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка најавија повеќе од 60 милијарди американски долари помош за земјите погодени од коронавирусот. ММФ подготви 50 милијарди американски долари за сиромашните и земјите со средните приходи чиј здравствен систем е премногу слаб за да се справат со епидемијата.

Кризниот финансиски пакет беше усвоен откако вирусот се побрзо се шири надвор од Кина во повеќе од 70 земји низ целиот свет, објави „ВВС“.

ММФ исто така забележува дека светската економија веќе расте послабо како резултат на епидемијата во споредба со лани, проценувајќи дека стапката на раст во 2020 година ќе биде најниска од финансиската криза во 2008 година. Главниот извршен директор на ММФ забележува дека сè уште не е можно точно да се проценат последиците од епидемијата во економијата.

– Глобалниот раст ќе падне под минатогодишните нивоа во 2020 година, но тешко е да се предвиди колку длабоко ќе падне и колку долго ќе се чувствуваат последиците – рече Кристалина Георгиева.

Таа не сакаше да каже дали ескалацијата на здравствената криза може да предизвика рецесија во светската економија.

Сепак, Светската банка објави 12 милијарди американски долари помош за земјите во развој кои се борат со ширењето на коронавирусот. Финансискиот пакет вклучува прифатливи заеми, финансиска неповратна и техничка помош.

– Ние се обидуваме да го ограничиме ширењето на инфекцијата – изјави претседателот на групата на Светска банка, Дејвид Малбас за „ВВС“.

Приоритет ќе им се даде на најсиромашните и најранливите земји во дистрибуцијата на антивирусната помош. Земјите со лоша здравствена заштита и ограничени финансиски ресурси, кои тесно соработуваат со Кина во економијата, се проценува дека се изложени на најголем ризик, додаде „ВВС“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...