Сѐ им дадовме, што сакаат уште? Малку ли им беше да зборуваат и пишуваат на мајчин јазик онаму каде што се мнозинство, и во Парламентот, и во Владата, секаде? Што бараат повеќе? Па ова не би им го дале во ниту една демократија на светот?
А што всушност им „даваме“? Да зборуваат на мајчин јазик? Да пишуваат со нивното писмо? Да имаат преведувачи во државните институции? Секаде да можат да добијат одговори кога се обраќаат на нивниот мајчин јазик? Тоа ли им „даваме“? Наш беше нивниот мајчин јазик и сега им го „дадовме“? И писмото, и песните и ората и културата и традицијата, беа наши, па сега им ги „враќаме“? Изгубивме ли нешто со тоа што им „даваме“? Ни снема ли пари на сметките, им ги препишавме имотите, куќите, становите, автомобилите? Земјата не е повеќе наша? Навистина, што всушност толку здушно „даваме“ и препекуваме како да сме зијан до гуша? Даваме права, а? Чиви се тие? Наши? Нивни? Сечии? Ничии?
Нема поголем национализам кога се занесуваш дека „даваш“ права. Нема поголем иредентизам кога преку божемното остварување на човековите права сонуваш за големи држави…
Затоа, младо момче Османи, читај внимателно и пополецка. Ако ти треба преведувач повикај слободно, имаш право. Значи, вака: Ти си на висока позиција во државава, подолг период, па можеби занесен од моќтта на законите кои ги донесовме во заеднички интерес, а пред сѐ, во заштита на интересите на Албанците во Македонија, треба да те потсетам на нешто што можеби не си го знаел, затоа што си бил малечок, можеби бебе, сеедно. Ама, кога разбравме дека ве навредува ако некој друг ви се обрати со шиптари, тогаш, во интерес на соживотот, направивме сѐ, за да таа навика се избрише од употребата кај мнозинството разумни во државава, и престанавме да го користиме, всушност, го заменивме истото нарекувајќи ве Албанци, онака како што вие се чувствувате во Македонија. Така баравте, тоа го добивте. Овде ги исклучувам македонските нацио „патриоти“ кои на прсти можат да се избројат и сѐ уште ве нарекуваат шиптари. Не ме навредува симболот на двоглавиот орел во твоите дланки, ама не ми е јасно, зошто тебе те навредува крукчето и трите прсти на срцето на Борко пеејќи ја македонската химна? Зошто те навреди однесувањето на Стоилов, за да веднаш се преименува во играчот со бр.5, затоа што „патриотот“, напуштил манифестација на која се зборувало на албански?
Друже Османи, соживот се прави, поточно се гради, со еднакви, рамноправни односи, не со провокации заради моќтта на 10 пратеници, заради законот дека победничката македонска партија на избори, мора да коалицира со мнозинската партија на Албанците. Сето тоа е направено во интерес на соживотот, бе, Османи. Мафтај ти со твоите прсти колку сакаш, летај, само, истакни го македонското знаме пред твоето седиште, на бирото во твојот кабинет, прифати ја вистината дека ти си Албанец од Македонија, со македонско државјанство. Ова, фала му на горниот, и на нас Македонците, сега можеш да го објасниш на твојот мајчин јазик…
Младо момче Османи, со провокации, ништо не се постигнува. Пренеси поздрави и до Груби, добар момчак е тој, без заебанција. Поздрави го и Ахмети, тој, точно знае што прави, ама не е во интерес на Албанците на Балканот. Само ти се чини…
П.С. Кога сакав БМВ Алпина, немав ни за Дрина. И даље сакам женска луда фина, а немам ни за концерт на Северина…
Тенкју, благодарам, фалимендерит, спасиба, данке, хвала ти…