Тимови за спасување се обидуваат на Тајланд да спасат 12 фудбалери на јуниорската екипа и нивниот тренер кои веќе два дена се заробени во поплавениот пештерски комплекс длабоко во планина, потврдила полицијата.
Во подножјето на пештерскиот комплекс Там Луанг, во северната покраина Чанг Раи, деца помеѓу 11 и 15 години и нивниот 25-годишен тренер се изгубиле во саботата. Се верува дека по обилниот дожд се покачила водата во пештерата ѝ им го блокирала излезот.
– Операцијата на спасување е во тек. Се уште не ги пронајдовме – изјавил началникот на полицијата Камсан Сардиуан, од покраината која е 1.000 километри северно од Банкок.
Рано наутро припадници на службата за спасување и нуркачи на специјалната воена единица СЕАЛ влегле во пештерата и стасале до големата просторија, но од децата немало ни трага.
– Верувам дека се живи, но сигурно се исцрпени… денеска би требало да имаме добри вести – изјавил адмиралот Арпаркорн Јоконгкаев.
Тајланд е среде дождливата сезона кога пештерите често се поплавени. Децата биле на екскурзија по тренингот. Во пештерата пронајдени се траги од нивните разце и стапала и ранци.