Бројот на алкохолни интоксикации регистрирани на Универзитетската клиника за токсикологија во Скопје, во последните 3-4 години, се движи помеѓу 520-550 пациенти годишно. Фреквентноста во текот на викендите е 3 пати почеста, а во текот на учебната година и пет пати пофреквентна.
– Машки се 75% од пациентите, но кај интоксицираните до 18 години, соодносот е 60:40. Најмладиот пациент на клиниката е 14-годишен, но на Клиниката за педијатрија се регистрирани и помлади пациенти – велат оттаму за Плусинфо.
Зборувавме со неколку тинејџери, кои велат дека нивните врсници преферираат да пијат дома, зашто цените во кафулињата и во клубовите за нив се доста високи, па велат, повеќе им се исплаќа да се опијат дома, а надвор да поминат со една пијачка.
– Ако навечер се напил алкохол, ученикот наутро неотрезнет оди на училиште и му е лошо, му се врти, не е сконцентриран на часовите. Група за млади деца немаме, но со нив и нивните родители индивидуално работиме. Во Здружението имаме психолог, психијатар и социјален работник по потреба. Имаме советувалиште за млади, каде родители носат тинејџери средношколци – ни рече невропсихијатарот и претседател на Здружението на клубови на лекувани алкохоличари „Нов Живот“, д-р Павлина Васкова.
Ова Здружение работи секој четврток од 14 до 17 часот во Даре Џамбаз.
Тинејџерите велат дека доколку некој од нив изгледа како да има повеќе од 18 години, не му се бара лична карта во продавница или во кафуле и може слободно да си купи алкохол. Некои од нив се вадат дека ја заборавиле личната карта дома.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека во текот на 2018 година извршени се акциски контроли во 680 угостителски објекти. Оттаму додаваат дека најмладиот кој бил послужен со алкохолни пијалоци е на 16-годишна возраст.