Младите на Балканот се за ЕУ и за – цврста рака

Едновремено, еден од заклучоците е дека младите во најсиромашните делови на Европа сакааат нивните држави да ги водат силни лидери. „Треба да имаме лидер кој ќе ја води Македонија со цврста рака во интерес на јавното добро“. Тоа го сметаат над 70 отсто од младите, посебно оние со понизок социјално-економски статус.

376

Дури 92 отсто од младите во Македонија чувствуваат анксиозност и страв од невработеност, и изразиле загриженост поради изгубената професионална перспектива на пазарот на трудот. Несигурноста не е значајно помала ниту меѓу младите во другите балкански земји, како, на пример, 87 отсто во Хрватска и 80 отсто во Србија. Тоа го покажуваат резултатите на големото меѓународно истражување „Младински студии во Југоисточна Европа 2018/2019“, нарачано од страна на германската фондација „Фридрих Еберт“.

Мнозинството млади во балканските земји не сакаат да се ангажираат политички, а едновремено посакуваат авторитарно политичко лидерство и силна држава која може да создаде поправеден систем за образование и зголемена социјална сигурност.

Се разбира, на некаков посебен начин веќе не зачудува фактот дека младите масовно се изелуваат од балканските земји. Околу тој процес на депопулација, кој континуирано ја нурушва социјалната и демографска слика на општеството, деновиве интензивно и без никаква задршка се ламентира и од страна на претседателските кадидати во предизборната кампања во Македонија, иако е сосема јасно дека проблемот не може да се реши со рутинско повторување на декларативни заложби.

Ниту пак со промена на власта, бидејќи неколкудецениските транзициски искуства јасно зборуваат дека со инсталирање на нов естаблишмент во фотелјите на државаниот апарат, одливот на мозоци не запира. Ниту пак со упорно потенцирање на стратегиската определба за зачленување во ЕУ, додека едновремено суштината на пристапниот процес на доближување кон евроатлантските интеграции е ослободен од одржливи реформи што ќе водат кон повисок квалитет на општествениот развој, модернизација и извлекување од економската заостанатост.

Резултатите од споменатиот меѓународен истражувачки пројект покажуваат раширена разочараност од сопствените влади и незадоволство од политичкиот развој во Југоисточна Европа и на Балканот. А за многумина млади, во Македонја 81 процент, ЕУ-членството е патот кон просперит и благосостојба. Процентот на поддршка на европските интеграции е висок и во другите балкански држави. Исклучок е Србија каде што само нешто повеќе од 50 отсто анкетираните млади се позитивни кон Унијата.

Едновремено, еден од заклучоците е дека младите во најсиромашните делови на Европа сакааат нивните држави да ги водат силни лидери. „Треба да имаме лидер кој ќе ја води Македонија со цврста рака во интерес на јавното добро“. Тоа го сметаат над 70 отсто од младите, посебно оние со понизок социјално-економски статус. Како и дека „силна партија која ќе го претставува обичниот народ, генерално, е она што е потребно во Македонија во моментот“, а што се типични показатели за авторитарност, и во поново време, за приемчивост на популизмот.

Познато е дека за многумина авторитарни лидери заедничка карактеристика е дека често наоѓаат противник кој можат да го оцрнуваат како голема опасност, и притоа зборуваат за „ние“ и „тие“, за елитата која ја уништува земјата и го продлабочува криминалот и корупцијата. Изборниот слоган на Трамп – „Да ја направиме Америка повторно голема“ – е еден од многу добри примери за талентиран политичк маркетинг чија порака успешно стигнува до целта.

Проблемите се често и реално присутни, иако делумно и свесно предимензионирани, при што се ветуваат едноставни и брзи решенија во интерес токму на обесправените. Но во многу земји општествениот амбиент сепак не доживува радикални промени и очекуван пресврт и по победата на изборите, на кои им претходела силна борба против злоупотребите на претходната авторитарна власт, медиумското известување против националните интереси, политички интервенции и притисоци врз судството или други институции, а чие ревитазлизирање се најавувало како суштински темел на функционална демократија.

Истиот или сличен филм е веќе виден многупати во последните години. Балканот и Македонија не се никаков исклучок. Во земја со големи проблеми се создава бран на незадоволство меѓу избирачите, при што во првите редови истапува политичар кој ветува дека ќе преземе мерки против оние што ја повлекле земјата во пропаст, кој гарантира дека ќе ја возобнови националната гордост.

Во Европа, каде што се наоѓаат неколку од најстарите демократии во светот, многумина избирачи се изморени од постојаното повторување на нештата, не гледајќи повеќе никаква разлика меѓу нејасните идеолошки линии меѓу центар-левица или центар-десница. Наместо тоа, ги привлекуваат партиите што се профилираат со популистички и неодговорни ветувања на екстремните рабови на политичката лепеза.

За разлика од Македонија и другите земји од Западен Балкан, кои во преден план го исфрлаат ЕУ-членството како решение за општествениот развој и отворање на перспектива за младите генерации, во земјите-членки на Унијата со силни десничарско популистички партии претсојните избори за Европскиот парламент се сметаат за плодна почва за силни лидери со авторитарни тенденции, кои очекуваат големи изборни успеси со своите мошне критички ЕУ-пораки.

За македонската реалност, која ретко излегува од предизборна кампања, оние фрапантни 92 отсто од младите кои живеат во страв од невработеност и бесперспективност, веќе од поодамна требаше на сите страни да го вклучи алармот, еднакво силно и кај власта и кај опозицијата. Бидејќи, како што е веќе констатирано, илјадниците фантоми во избирачкиот список не се само некаква имагинарна – сенишна слика.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...