Младите Македонци ги напуштаат селата од Мала Преспа и бараат забава и работа во Македонија или во поголемите албански градови, вели 22-годишниот Горан Јанкула, кој работи како келнер во ресторан во Долна Горица, во Албанија.
– На младите во овие македонски села од овој дел на Мала Преспа, многу им е здодевно. Немаат никаква занимација. Забавниот живот тука е речиси нула – вели Јанкула.
Работа нема. Тие што работат, рече, одат во Македонија и во градовите низ Албанија.
– Претежно работат во Македонија, некои студираат таму, а некои тука. Јас сум студент во Корча. Студирам математика. Во слободно време, сабота и недела, работам, активен сум, како и другите млади од оваа околина – посочи Јанкула.
Некој работи како келнер, друг како градежник, но се работи и земјоделство.
– Јас сум од Туминец, село кое има околу 700 жители. Сакам да се вработам во Корча штом завршам со факултетот. Не би сакал да останам да живеам во Туминец – објасни Јанкула.
Тој често доаѓа во Македонија. Покрај работата во Долна Горица, кога е слободен, му помага на својот татко во Ресен со земјоделство, а ја посетува и Битола.
За себе ни кажа оти e последна година од магистерски студии и има помала сестра.
Во регионот на Мала Преспа има девет села, меѓу кои и Туминец, Горна Горица, Долна Горица, Шулин, Зрноско, Глобочени и Церје. Жителите се државјани на Албанија, а по националност Македонци.
Велат дека во минатото во овие села имало повеќе народ, ученици, стока. Некои тишината во Долна Горица ја сметаат за уживање и одмор, а други велат дека им недостасува џагор. Терените за фудбал на зелената ливада пред езерцето беа празни. Како да молеа да отиде некој и да ги разбуди од длабок сон.