Кристина Младеновиќ (Франција) и Тимеа Бабош (Унгарија) ја освоија титулата кај дамите во двојки на Отвореното првенство на Франција во тенис. Младеновиќ и Бабош победија категорично во финалето против Кинескињите Саисаи Женг и Инин Дуан со 6:2, 6:3.
Така тие заслужија втор трофеј од Гренд-слем турнирите како тандем по Австралија опен минатата година. За Младеновиќ пак титулата е втора на „Ролан Гарос“ по 2016 година, кога таа триумфираше со сонародничката Каролин Гарсија.
Французинката и Унгарка продолжија со своите одлични перформанси во Гренд-слем турнирите со трето финале по ред кај дамите, но овој пат успешно, откако двете останаа вицешампионки на Отвореното првенство на САД во септември минатата година и во Австралија во јануари.
Младеновиќ ќе ја предводи светската ранг-листа кај двојките од утре, а Бабош ќе биде втора.
Фото: EPA/CAROLINE BLUMBERG