Хана Пауел останала слепа и без бубрези поради вотка од бар во Грција, пренесува „Би-Би-Си“.
Таа повраќала и се чувствувала изнемоштено по ноќта помината во бар со две пријатели на грчкиот остров Закинтос во август 2016 година.
Дваесет и тригодишната девојка пиела вотка, за која не знаела дека е измешана со метанол.
Хана сфатила дека нешто не е во ред, штом ги отворила очите во хотелската соба и помислила дека светлото не е вклучено.
– Им реков на другарките да ги тргнеме завесите, но тие ми кажаа дека веќе се тргнати. Помислив дека се зафркаваат, па тргнав да го запалам светлото. Тогаш почнав да паничам бидејќи сфатив дека светлото е запалено а јас не гледам ништо – вели Хана.
Таа била пренесена во болница на островот, а потоа префрлена во друга. Дури мислела и дека е киднапирана.
– Не знаев зошто не можам да гледам. Мислев дека има нешто врз моите очи. Му се јавив на татко ми, кој ми рече да не се грижам и дека доаѓа по мене. Се сеќавам дека го криев мобилниот телефон бидејќи мислев дека ќе ми го земат – опишува Хана.
Тестовите покажале оти таа има труење со метанол. Таа била послужена со вотка која била помешана со токсична супстанција.
Нејзините пријатели, кои пиеле исто така вотка, се чувствувале лошо и имале стомачни грчеви, но немале посериозни последици.
– Наводно, банди го прават мешањето во шумата и го продаваат на барови ефтино. Ти сметаш дека пиеш Смирноф вотка, но не е тоа. Тие го ставаат пијалокот во вистински шишиња од Смирноф, па немаш причина да не веруваш дека ти даваат нешто друго. Опасно е – вели Хана.
По неколку недели, младата Британка се вратила дома и морала да се навикне на тоа дека не гледа.
Бубрезите исто така и откажале и Хана поминала 18 месеци на дијализа, пред нејзината мајка да може да и донира еден од своите бубрези.
Речиси три години поминале од немилиот настан, а никој не преземал одговорност.
Хана вели дека таа верува оти се уште се продава небезбеден алкохол во места за одмор како Занте.
– Не би го испила пијалокот да знаев – вели Хана.
ФОТО: Би-Би-Си