Македонската кошаркарска федерација денеска соопшти дека не дозволува да се играат натпревари од плеј-офот и плеј-аутот во салите „Градски парк“ и „СРЦ Кале – малата сала“ во Скопје.
По инспекцијата, МКФ констатира дека овие две сали не ги исполнуваат стандардите за одигрување на натпревари од Прва лига мажи, Супер-лига, плеј-аут и плеј-офот.
– Клубовите кои ги имаа пријавено наведените сали за одигрување на натпревари, во дадениот рок не ги испочитуваа насоките од МКФ за санација и мерки за создавање потребни услови за одигрување на натпревари, поради што во спортските сали не се дозволува одигрување на кошаркарски натпревари од Прва лига мажи, Супер-лига, плеј аут и плеј оф. Клубовите ќе мора да пријават друга сала која ги исполнува стандардите за одигрување на натпревари од погоре наведените лиги – стои во соопштението на МКФ.
Во појаснувањето на оваа одлука се потсетува дека Управниот одбор на Македонската кошаркарска федерација одржан на ден 2 октомври 2018 година, како и инспекцијата направена на 26 јуни 2018 и потоа со конечна проверка на 3 април 2019 година, во спортските сали пријавени за одигрување на натпревари од прва лига мажи се констатирани несоодветните услови во наведените сали.