Ми ја поделиле гимназијата заради мулти-култи лицемерие

Денес гимназијата „Мирко Милески“ од Кичево има еден покрив и два влеза, има своја помлада сестра или помлад брат што се нарекува „Дрита“ - нова гимназија во состав на гимназијата „Мирко Милески“ – „специјализирана“ за ученици Албанци.

1120

Верувам дека секој еден во оваа земја што е постар од, да речеме, триесет и пет-шест години е во состојба да произведе во свеста лична припадност кога е во прашање нечија „националност“ (то ест етничка, а богами и конфесионална), така што ваквата појава стана „политичка“ реалност. Оние помладите, претпоставувам дека на тој момент не може да се сетат затоа што таквиот момент за нив трае откако знаат за себе. Многу од нив веруваат дека воопшто не би можело да биде поинаку, затоа што им се чини дека тоа не би можело да биде „природно“.

Ова погоре ме потсетува на наивното, а всушност „здраворазумско“ убедување дека луѓето на Антартик чекорат на глава или дека сонцето, месечината и sвездите се наоѓаат некаде „горе“ во однос на земјата.

За ваквата состојба одамна навикнавме да го опбвинуваме, најшироко сфатено, „национализмот“. Се разбира, тоа не е погрешно толкување. Ама, кај мене подолго време преовладува чувството дека „антинационалистичкиот“ критички апарат во оваа земја бајаги шлајфува, дека остана некаде заглавен на 27 април 2017. Што сакам да кажам? Ова се „други времиња“, така што со „старомодниот“, гломазен национализам од стар ков – постои идеологија и пракса која се нарекува „мултикултурализам“, кој во овој дел од светот се сведува на таканаречениот комунитаризам како еден вид „свилен апартхејд“.

Тогаш бевме само луѓе

Чекај, море, Јовановиќ, нели мултикултурализмот како вредност е нешто спротивно на национализмот? Национализмот од стар ков се залага за етнички „чиста“ држава во која секоја Другост/Различност ќе биде, ако не уништена, тогаш ќе биде оттргната на пристојна далечина од главните случувања.

Мулти-култи идеологијата денес, пак, во Македонија, се сфаќа патолошки: како ненасилен „плурализиран национализам“; општество во кое тоталитетот на човечкото нема да постои како другост/различност, туку како штура (и политички нерелевантна, неупотреблива) биолошка состојба, затоа што се работи во суштина за атомизирана група која ќе коегзистира во заедничкиот „лебенсраум“ (читај, животен простор!), ама така што ќе живеат во паралелни светови (политички, културни, јазични, верски, фамилијарни итн.), практично без никаква интеракција, со уште помала меѓучовечка комуникација. Се разбира, во такво општество, во така поделени „заедници“, ќе владее некој вид „сојуз на племенски поглавици“ или она што кај нас се нарекува „национални совети“; таквите пак ќе расправаат за „чувствителните“ прашања од културата, образованието, јазикот, верата, медиумите итн.

Овие ламентирања ме поттикнаа затоа што бев инспириран од еден бизарен случај кој се случи во Кичево. Помалку е познато дека гимназијата „Мирко Милески“ е и моја гимназија. Место во кое се „образуваше“ мојата маленкост (далечната 92 година), место во кое се другаруваше во „мешани“ паралелки, не се гледаше на етничкиот предзнак, помалку или повеќе во тоа време бевме само луѓе, ученици, граѓани кои во тој град коегзистираа со свои имиња, презимиња и конкретни адреси на живеење. Денес, гимназијата „Мирко Милески“ од Кичево има еден покрив и два влеза. Денес гимназијата „Мирко Милески“ има своја помлада сестра или помлад брат што се нарекува „Дрита“ – нова гимназија во состав на гимназијата „Мирко Милески“ – „специјализирана“ за ученици Албанци.

Видете, не ми паѓа на ум да го оспорувам правото или било чиј гест на луѓе кои овој проект го смислиле, протуркале и реализирале. Дури, ниту сакам да ја коментирам бизарната поделба на гимназијата за, како што велат оттаму, „се се подели само поради конкурсот на директор“, затоа што има ист или сличен пример во Струга и во Куманово, а можеби и во Тетово, па, сега, зошто некој би им го негирал правото на кичевчани во своите образовни паралелки да учат во својата етничка и јазична „заедница“ – поделени!?

Поводот за овој текст е изјавата, самата нарација во изјавата на двајцата директори на гимназијата „Мирко Милески“ од Кичево. Изјавата на некоја директорка Милка, жена која условно речено ја држи „нашата“ страна, македонската, и изјавата на некој директор Фестим, што ја држи „туѓата“ страна, односно албанската. Што е проблемот, море, Јовановиќ?

Учениците како параван

Постојат одамна „етнички“ партии со бројни малцинства (албански, ромски, турски итн.). Исто така и „општите“ и оние мејнстрим партии кои припаѓаат на оние десни светови, во голема мера се „монотеистички“ затоа што се раководат во вредносна смисла која имплицитно го исклучува „другиот“, „инаквиот“, „различниот“. Ги исклучува оние кои не се идентификуваат со „етничкото НИЕ“. Тоа што го зачеша мојот нос беа изјавите на директорите на овие училишта, а посебно директорот од гимназијата „Дрита“, објаснувајќи ни дека тие „заедничкиот имот го користат заедно со Мирко Милоески“, што не можам да и одолеам на констатацијата дека тие до сега биле „политички сирачиња“, сироти тие без никој и никаде, затоа што до сега немале свое „политички артикулирано етнопретставништво“, а тоа денес е гимназијата „Дрита“ во состав на гимназијата „Мирко Милески“.
Смехотресно! А сега, претпоставувам, ќе уживаат во неизмерна среќа, типично за сите малцинства, а богами типично и за сите „мнозинства“.

Се разбира, господинот директор од училиштето „Дрита“ во Кичево не направил нешто што веќе претходно не направиле „поголемите“. Ако системот е таков, ако живееме во мулти-култи дистопија која се надополнува взаемно со апартхејд, тогаш нема ништо пологично од тоа да се подели „Мирко Милески“ од Кичево на два правни, односно два етнички субјекти.

Проблемот е само во тоа што тој систем ништо не чини, и нема да води во ништо паметно, добро и корисно. Ама како што е потребно ресурси за неговата монтажа, тогаш обратно, ќе мора да се постават ресурси за негова демонтажа кон некои други, посилни адреси, а не на недолжните директори Милка и Фестим. А, ќе се постават ли прашања до силните адреси? Не, нема. Зошто? Затоа што на сите етноцентрични етнопаши и етнокметови од сите видови, вака како што е, премногу им е добро, и добро, и најдобро. Учениците од двете училишта се само обична кореографија и параван за нивното „политичко“ мулти-култи лицемиерие.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...