Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, излегува од затворот во Шутка. Апелацискиот суд во Скопје делумно му ја уважи жалбата и му одреди куќен притвор.
Тој заврши во скопскиот затвор откако со првостепена пресуда беше осуден на три години затвор за случајот „Титаник 2“ на СЈО, кој се однесува на договарање гласови во ДИК за приговори во Струмица на локалните избори во 2013 година.
Од притвор во Шутка излегува и поранешниот член на ДИК од редовите на ДПА, Бедретин Ибраими. И на него тој му е заменет со мерка притвор. Ибраими беше осуден на четири години и шест месеци затвор.
„По повод жалбата и по службена должност заради правилна примена на Законот спрема обвинетиот Б.И. судот определи куќен притвор со траење до правосилноста на пресудата, односно до започнување со издржување на казната. По повод жалбата на С.М. определи куќен притвор со траење до правосилноста на пресудата, а најдолго 60 дена сметано од 08.03.2019 година“, соопштија од Апелација.
Другите осудени членови на ДИК, ќе треба да се јавуваат во судот еднаш неделно.
Сите членови на ДИК добија затворски казни од три години, а во случајот со првостепена пресуда беше осуден и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој доби три години и два месеци затвор. Тој има мерка на претпазливост – да се јавува еднаш неделно во судот, додека пресудата не стане правосилна.
ФОТО: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI