Обвинетите Сашо Мијалков, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски на денешното рочиште во Кривичниот суд за случајот „Трезор“ рекоа дека го разбрале обвинението, но оти не се чувствуваат виновни за предметното дело.
Во овој случај обвинет е и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, за кого Судот денеска одлучи да му се суди во отсуство.
Обвинителот од СЈО, Артан Ајро во водениот говор рече дека „сме сведоци на случај каде обвинетите приватниот интерес го ставиле пред државниот“.
– Ќе докажеме дека ја искористиле својата положба и оствариле профит за компанијата „Финси“ во висина од 770 илјади евра, нанесувајќи штета на Буџетот. Ќе докажеме дека обвинетите во 2010 година во име на МВР оствариле контакт со фирма во Британија, но и покрај тоа набавката ја оствариле преку фирмата „Финсипо“ по цена повисока и тоа била прва зделка на „Финси“. Иако набавената опрема била застарена и нефункционална МВР потпишало договор за одржување и сервис со „Финси“ ДООЕЛ. Сето ова ќе го докажеме со материјални докази собрани од МВР и за кои е обезбедена декласификација – рече Ајро.
Адвокатот на Сашо Мијалков, Љупчо Шврговски во воведен говор истакна дека обвинението се темели на полуиндиции и оти одбраната нема да има тешка задача.
Според адвокатите, и во материјалните и вербалните докази се изнесуваат тези кои целосно одат во корист на одбраната.
Она што е најсуштествено, според адвокатите, е дека отсуствуваат клучни елементи на кривичното дело за злоупотреба на службената положба.
Адвокатот на обвинетиот Тони Јакимовски, рече дека тој се товари за барање за дополнување на опремата и за нејзино одржување, за што може да го товарат и ако направил и ако не го направил тоа.
Судот го прифати предлогот на СЈО прво да се слушаат аудио разговори, па материјални докази и потоа сведоци.
Адвокатот Петар Василев реагираше на барањето за промена на редоследот на изведување на доказите бидејќи, како што рече, сами ја правеле и поднеле листата на докази.
Во моментов во судница почна да се слушат „прислушуваните разговори“ за случајот „Трезор“.
Обвинетите се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.