Свиркачот од МВР, Ѓорѓи Лазаревски, кој заедно со Звонко Костовски ги открија „бомбите“, денеска на рочиште за предметот „Таргет-Тврдина“ во Кривичниот суд ќе одговара на вкрстени прашања од одбраната. Право да го испрашуваат имаат и адвокатите и обвинетите меѓу кои се и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
Лазаревски е само првиот сведок во судскиот процес за масовното прислушување, а на претходните рочишта тој сведочеше одговарајќи на прашањата на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Во предметот „Таргет-Тврдина“ покрај Јанкулоска и Мијалков, обвинети се и бегалците Горан Грујевски, кој беше началник на Петтата управа во МВР, и Никола Бошкоски, негов заменик-началник, како и шефот на кабинет на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт на СЈО, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Пред да бидат издадени судски наредби и по завршување на траењето на нивната важност, пак, биле следени 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.