Мијалков излегува и од куќен притвор

2331
ФОТО: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, ќе се брани од слобода.

Укинувањето на куќниот притвор следува бидејќи денеска истекуваат 60 дена од изрекувањето на првостепената пресуда за „Титаник 2“ каде тој доби затворска казна од три години. Според закон, по изрекување на пресудата, судот може да изрече притвор додека таа не стане правосилна, но тој не може да трае подолго од 60 дена.

Пресудата беше изречена на 8 март, а по 60 дена таа сѐ уште не стана правосилна. За да стане, потребно е Апелацискиот суд да се произнесе за жалбите.

Од Кривичниот суд соопштуваат дека со одлуката за укинување на куќниот притвор, на Мијалков му се изречени мерки на претпазливост: одземен му е пасошот, забрането му е да ја напушта државата со лична карта, а има и обврска еднаш неделно да се јавува во судот.

Против одлуката на судот, СЈО има право на жалба до Апелација.

За потсетување, кога во Кривичен на 8 март беше соопштена пресудата, по барање на СЈО, Мијалков доби притвор во Шутка, но тој се жалеше до Апелација која, пак, одлучи да му го замени затворскиот со куќен притвор.

Покрај ексшефот на УБК, во „Титник 2“, на 3 години и 2 месеци е осуден и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.

Затворски казни добија и поранешните членови на ДИК. Најмногу доби Бедредин Ибраими 4 години и 6 месеци, додека Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев добија по три години затвор.

Предметот се однесува за пазарење за гласови во ДИК во однос на приговори за гласањето во Струмица на локалните избори во 2013 година.

ФОТО: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...