Полицијата по барање на судот, на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков кој беше пуштен од затворски во куќен притвор, ќе му прави ненајавени проверки на домашна адреса на улица Салвадор Аљенде на Водно.
Поранешниот директор на УБК беше уалсен во хотелот Мериот каде што, како што се тврдеше во информациите, во последно време живеел.
На Мијалков со одлука на судот му е определена мерка куќен притвор во траење од 30 дена сметано од 29.12.2018.
– Мерката куќен притвор предвидува ненајавена проверка од полициски службеници, со цел да се утврди дали ја почитува лицето на кое му е одредена мерката. До СВР Скопје од Основниот суд Скопје 1 од СЈО нема пристигнато друго решение за преземање на мерки – велат од МВР.
Мијалков во текот на вчерашниот ден со одлука на Кривичниот суд беше пуштен од затворски во куќен притвор за предметот „Империја“ во кој е осомничен.
Поранешниот директор на УБК е обвинет и во уште неколку предмети на специјалното јавно обвинителство – „Тортура“, „Таргет-тврдина“ и „Титаник 2“.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева изјави дека е добро за реформите за владеењето на правото осомничените и обвинетите од истрагата „Империја“ и предметот „Титаник“ да бидат во куќен притвор.
Таа исто така истакна дека тие не можат да влијаат врз сведоци, да го повторат делото или пак да се дадат во бегство.