Мијалков: Ако треба кажете да не се браниме, донесете пресуда и готово

1112

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков на денешното рочиште за предметот Таргет-Тврдина го испрашуваше  сведокот Сашо Трајковски кој е инженер вработен во УБК.

За време на неговото испрашување, тој неколку пати реагираше на одговорите на сведокот дека не дава одговор на конкретното прашање, туку раскажува приказни.
На начинот на кој тој поставуваше прашања, приговараа, пак, обвинителите од СЈО кој исто така, посочуваат дека сведокот не може да одговара онака како што му чини некому.

На моменти се вмешуваа и судиите со цел, како што велеа, да се дојде до суштината.
Во еден момент револтирано изреагира и Мијалков.

– Кажете да не се браниме, да седнеме тука и донесете пресуда и готово – рече Мијалков.

Судијата Владимир Туфегчиќ возврати дека има погрешна перцепција ако мисли дека нив нешто им одговара или не.

Откако Мијалков заврши со неговите прашања, за вкрстено испрашување се јавија уште неколку вработени во УБК, како и екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Судењето е во тек.

Во предметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО се обвинети поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...