Оние што не го сакаат Мишел Уелбек, најчесто ги користат аргументациите од типот: ги провоцира муслиманите, ги провоцира малцинствата, поттикнува расизам и фашизам; оние другите што го сакаат како автор, а јас сум еден од нив, најчесто сè му простуваат, со љубопитност го читаат во неговите дистописки нарации, „крајот на западот“, пропаѓањето на левицата, раѓањето на десницата, но и љубовта, сексот, фармаколошката индустрија, седативите, депресијата, антидепресивите… За сите овие теми, Уелбек зборува (односно пишува) со еднаков жар (и дух), и денес тој е најважниот француски извозен културен производ во светот.
Од времето кога ја објави „Проширувањето на полето за борба“, па сè до ден денешен, за Уелбек се лепат многу контроверзии: дали тој човек е гениј или пророк, или едноставно станува збор за манипулативен француски медиокритет, саморекламер кој успешно се „бафта“ со жешки контроверзни теми, практично немајќи што да каже, единствено нешто што од него прави голем и „важен“ автор е тоа што својата содржина од општи места ја пакува актуелно и скандалозно?
Чувство на отфрленост
Но, тука најчесто се греши во заклучоците. Мишел Уелбек во едно интервју вели дека совршено сеедно му е што ќе рече критиката, што според мое скромно мислење едноставно тоа не е точно. Од друга страна, секоја негова книга одлично се продава, така што не можете во таа смисла да го компарирате Куељо и Уелбек, затоа што темите и нарацијата што Уелбек „ја пакува“, едноставно како да се докажува дека сите „работат за него“, вклучително и неговите непријатели и опоненти; тие ми се чини најмногу.
Да се вратиме на неговите дела: „Проширување на полето за борба“, „Елементарни честички“, „Платформа“, „Карта и територија“, „Покорување“, па на крајот „Серотонин“, најновиот Уелбеков роман.
Во оваа книга станува збор за средовечни, резигнирани, егоцентрични и уморни мажи, втурнати во сексуални задоволства: било да се фамилијарни или самци, генерално нивниот заеднички именител им е отфрленоста, отсеченоста од чувството на припадност кон жената, децата, моногамијата, „семејните вредности“ (па натаму: нацијата, црквата, татковината); еманципирани средовечни луѓе што го негуваат патријархалниот свет, ама не може да се каже дека добро се вклопиле во овој нов, западен и „ослободен“ свет?
Прашањето е зошто? Можеби оттаму што слободата е сè повеќе апстрактна, ветена, отколку што тоа е некоја практична и конкретна работа. Или можеби Уелбек зборува „што е љубовта“, како еден вид емотивна „трансакција“, ем во својата физичка, ем во својата сексуална смисла е се само не демократска, лесно достапна, „праведна“, „коректна“? Напротив. Нејзиниот табиет е тирански, нејзината самоволја е ограничена, опсесивна. На тој начин сфаќате дека „пазарот на љубовта“ се покажува како поле за незадоволени желби и нереализирани односи.
„Безимениот“ наратор во романот „Серотонин“ е земјоделски експерт од Париз, се наоѓа во педесеттата година од својот живот која му влегува во некаква фаза на бесмисленост. Ако ја отворите оваа книга и барате конкретни чекори за „смислата на животот“, веднаш да ви кажам да не си го губите времето, затоа што такви работи кај Уелбек не проаѓаат. Дејството се одвива, односно дејството е западниот човек и начинот на кој тој живее; оттука и ваков заплет е неизбежен.
Пророк на еден свет
Нараторот во романот работи работа во која сè помалку верува, па одлучува да ја напушти работата, оти за среќа располага со доволно пари за да може да го помине остатокот од животот не работејќи ништо. Наоѓа млада „јапонска“ девојка, речиси спонзоруша, се впушта во однос со неа низ кој ги рекапитулира сите други љубовни врски во неговиот живот, а со Камил чувствува несекојдневна среќа, идеал за кој во минатото никогаш не го почувствувал. Попатно, пие јаки антидепресиви што го одржуваат во живот, ама има и последици: антидепресивот му го убива либидото и му ја гасне сексуалната желба. Нема пријатели. Нема роднини, класична метафора за „човек од западот“ во денешната епоха која е хиперсексуализирана, но е и традиционално канализирана…
Во другиот дел од романот „Серотонин“ среќаваме и друга реалност: француското земјоделство и стопанство е на колена, судбината на локалните фармери, пропаѓањето на агрокултурата пред налетот на глобализацијата, бесчувствителноста на глобалните елити…
Мишел Уелбек е пророк на еден свет, кој во своите „еманципаторски“ позиции удрил во sид, ја изгубил својата привлечност, сфаќајќи дека можеби таков „рај“ никогаш и не постоел. Уелбек го читаат сите оние што најмногу го презираат. Таму назад нема ништо, тоа сака да ни каже авторот, и најчесто Уелбековите јунаци лебдат во таа „лимбо“ позиција помеѓу она што не го сакаат и она што не го можат.
Прочитајте го Уелбек во новиот роман „Серотонин“, со една напомена: ова не е роман за на плажа, ова не е „лесна“ литература, ова е роман што ќе ви ги запали сите сетила, ако веќе претходно не сте голтнале голема доза анестезирачки седатив.