Бараме избори за народот со неговиот глас да одлучи за текот на ова национално прашање, рече лидерот на грчката опозициска Нова демократија, Кирјакос Мицотакис говорејќи за Договорот од Преспа, во обраќањето на почетокот на состанокот со надлежните за различни области во партијата.
Тој уште еднаш повтори дека тие се против Договорот од Преспа, за кој рече дека е склучен во отсуство на грчкиот парламент.
– Договорот ние нема да го ратификуваме и бараме избори, токму затоа што треба колку е можно побргу да се стави крај на завршените работи, кои, за жал, секој ден произлегуваат и ќе продолжат да произлегуваат во следните месеци, за да може грчкиот народ, со неговиот глас да одлучи за текот на ова големо национално прашање – рече Мицотакис.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, лидерот на опозициската Нова демократија уште еднаш упати остри критики и обвинувања до грчката влада и поради, како што рече „отстапувањето на македонскиот јазик и идентитет“, но и поради ставот на Панос Каменос.
– Ципрас, рамнодушно и непријатно гледа како Скопјаните буквално слават за македонскиот јазик и македонската националност, кои што им ги отстапи. Прави зделка со неговиот коалициски партнер, кој на зборови не се согласува, но во пракса, треба постојано да го потсетуваме ова, во пракса е оној кој во суштина го поддржа договорот. И разговара со него, не за разврската на националното прашање, туку како да најдат формула и двајцата уште малку да останат на власт – порача Кирјакос Мицотакис.