Мицотакис: Ципрас и Каменос му го предадоа на Скопје НАТО-пасошот

349
ФОТО: EPA/ORESTIS PANAGIOTOU

Претседателот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис од парламентарната говорница упати остри критики и обвинувања до грчката коалициска Влада,  за време на расправата во Парламентот за нацрт законот за локална самоуправа.

Лидерот на најголемата грчка опозициска партија рече дека „во Брисел, Ципрас и Каменос, во суштина, на Скопје му го предаваат НАТО- пасошот, откако пред три недели ги отстапија македонскиот идентитет и македонскиот јазик“.

Во говорот Мицотакис го цитираше македонскиот премиер од интервјуто дадено за Би-Би-Си.

-На Грците им го дадовме ерга омнес името Северна Македонија, а ние добивме ерга омнес македонски идентитет, рече од збор до збор, господинот Заев во интервјуто за Би-Би-Си. Повторувам, од збор до збор. Јас ви велам, вие сте ерга омнес опасни за интересите на земјата. И престанете веќе да се повикувате на оној смешен аргумент дека наводно го дадовте државјанството, а не националноста. Кажете ми една земја во светот во која сите нејзини жители ќе имаат различна националност и различно државјанство. На Скопјаните им ја дадовте националната одредница „Македонци“, нешто што го имаат отфрлено сите грчки влади во изминатите 27 години, рече Мицотакис.

Лидерот на Нова демократија, го коментираше и ставот на коалицискиот партнер во владата-Независни Грци, велејќи дека во Брисел во пракса се согласиле за Договорот, „ што на зборови го осудуваат и велат дека некогаш во иднина ќе ја урнат владата“, пренесува дописничката на МИА од Атина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...