Мицотакис свика вонреден состанок за ситуацијата со мигрантите и бегалците од Турција

Граничниот премин „Кастањес” со Турција кај Еврос и во текот на ноќта беше затворен, а според локалните медиуми група од околу 1.000 бегалци и миграните, кои се собрани на турска страна, се обидела повторно да стигнат на грчка територија.

100

Во премиерската палата, утрово ќе се одржи вонреден состанок на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со министерот за надворешни работи, министрите и замениците министри за цивилна заштита и за одбрана, началникот на Генералштабот на грчката армија и претставници од крајбрежната служба, поради ситуацијата со бегалците и мигрантите од Турција, јави дописничката на МИА од Атина.

Граничниот премин „Кастањес” со Турција кај Еврос и во текот на ноќта беше затворен, а според локалните медиуми група од околу 1.000 бегалци и миграните, кои се собрани на турска страна, се обидела повторно да стигнат на грчка територија.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, вчера преку „Твитер“ порача дека земјата нема да толерира никакви нелегални влегувања.

– Значителен број мигранти и бегалци во големи групи се собраа на грчко – турската копнена граница и се обидоа, нелегално, да влезат во земјата. Сакам да бидам јасен: никакви илегални влегувања во Грција нема да бидат толерирани, ја зголемуваме нашата гранична безбедност. Грција не сноси никаква одговорност за трагичните настани во Сирија и нема да ги трпи последиците од одлуките донесени од другите. За ситуацијата ја информирав Европската Унија, напиша Мицотакис

Грчкиот премиер, во текот на вчерашниот ден оствари телефонски разговори со германската канцеларка Ангела Меркел, со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, со францускиот претседател Емануел Макрон, со претседателката на Европската комисија, Урсула фон Дер Лајен и со бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Мицотакис, неговите соговорници ги информирал за дејствијата што ги презема Грција за чување на границите, како и за ситуацијата во бегалското прашање по конфликтите во Идлиб.

Mинистерот за цивилна заштита на Грција, Михалис Хрисохоидис и началникот на Генералштабот на грчката армија Констандинос Флорос вчера го посетија поширокиот регион на Еврос за да извршат увид во мерките за надзор на границата, што се зајакнаа со цел да се спречи нелегален влез на мигранти во Грција.

Хрисохоидис рече дека од Еврос ја испраќаат пораката дека Грција ги штити своите граници и е безбедна земја и истакна дека дополнително ќе се зајакне чувањето на границите, а сили од војската и полицијата од целата земја ги зајакнуваат службите на Еврос „за да биде поефективна и побезбедно чувањето“ на границите.

– Многу е непријатно она што се случува од другата страна на границата. Односно, фактот дека несреќните луѓе се собираат на нашата граница, уценувачки, да влезат без патни исправи. Нашиот одговор е дека земјата прима и ги пречекува сите оние кои имаат легални патни исправи, но не можеме да прифатиме државјани на трети земји кои немаат легални документи. Границите на земјата се отпорни и затоа, несреќните луѓе немаат никаква причина да се собираат на нашите граници, на царинските станици, чекајќи да влезат во грчка и европска територија – вели министерот за цивилна заштита на Грција.

По најавите од турска страна дека ќе ги отвори границите за бегалците и мигрантите да стигнат до Европа, грчките медиуми објавија дека луѓето со автобуси биле носени кон копнената граница на Турција и Грција, а насобрани бегалци и мигранти имало и на турското крајбрежје, подготвени да се качат на бродови и чамци за да стигнат на некој од грчките острови.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...