Договорот од Преспа ќе продолжи да се спроведува и по победата на Нова демокартија и Киријакос Мицотакис на предвремените избори во Грција. Во фокусот ќе биде работата на експертските групи за историски, археолошки и образовни прашања и за трговските марки, како и толкувањето на одредени членови, но не се очекува блокада на евроинтеграциите, оценуваат амбасадорот Ѓорѓи Филипов и извршниот директор на Центарот за европски стратегии-Евротинк, Љупчо Петковски.
Амбасадорот Филипов во изјава за МИА за тоа како изборот на Киријакос Мицотакис ќе се одрази на односите меѓу двете земји и особено на спроведувањето на Договорот од Преспа и пристапувањето во ЕУ, смета дека Мицотакис ќе продолжи со развој на добрососедските односи меѓу двете земји согласно Спогодбата од Преспа и генералните определби на политиката на Европската Унија
– Ѝ честитаме на победата на Нова Демократија и на нејзиниот лидер Мицотакис. Сметам дека и покрај тоа што партијата има доволен број на пратеници да состави влада и да донесува одлуки и да предлага нови закони без поддршка од останати партии или пратеници-поединци, премиерот пред назначување, Киријакос Мицотакис ќе продолжи со развој на добрососедските односи меѓу Хеленската Република и Република Северна Македонија согласно Спогодбата од Преспа и генералните определби на политиката на ЕУ, којашто ќе ја спроведува Европската Комисија изгласана од Парламентот на ЕУ избран на неодамна спроведените парламентарни избори на територијата на ЕУ – оценува Филипов.
Според него, Договорот од Преспа ќе продолжи да се спроведува согласно темпото определено во него, а фокусот очекува да е на работата на експертските групи формирани согласно обврските од Договорот.
– Во почетокот на владеењето на Нова демократија можно е да се појави зголемено внимание на поедини членови од Договорот, но тоа нема да го попречи неговото спроведување. Вниманието би било насочено на работата на експертските групи, согласно предизборните ветувања на лидерот на партијата, Мицотакис. Таквиот пристап нема да го попречи пристапувањето кон ЕУ на Северна Македонија во конечна смисла на европската определба за Западен Балкан зацртана уште на ЕУ Самитот во Тесалоники, 2003. Република Северна Македонија и Западен Балкан во ЕУ значи голема политичка, економска и културолошка придобивака и за Хеленската Република – истакнува Филипов.
Во однос на изјавите на Мицотакис дека Грција нема еднострано да го поништи Договорот, но ќе бара корекции во неговата примена и какви се неговите очекувања, Филипов вели дека Договорот нема да биде еднострано прекинат од ниту една страна.
– Вие зборувате за корекции, кои исто така се невозможни. Возможно е само она што веќе кажав, зголемено внимание на неговото спроведување од грчка страна, што само по себе не е штетно и за двете страни. Кларификацијата на одредени катаегории ќе ја направат експертските групи, кои ќе поднесуваат извештати до министерските и владините комитети и совет. Очекувам натамошен успешен развој на добрососедските односи меѓу двете соседски земји, Хеленската Република и Република Северна Македонија – дециден е амбасадорот Филипов.
Филипов кој е ко-претседавач од страна на Република Северна Македонија на Меѓународната група на експерти за трговски марки, очекува и по изборот на новата влада динамиката на работа на оваа група да биде согласно одредбите од Преспанскиот договор.
– Да, јас сум назначен од Владата на РСМ, за ко-претседавач на Меѓународната група експерти на од страна на РСМ, а д-р Фотини Пазартзис од страна на ХР. Групата е формирана за да ги олеснува разговорите меѓу бизнис заедниците на двете држави во однос на „комерцијалните имиња, трговските марки и имињата на брендовите” согласно чл. 1, параграф 3 и потпараграф (ж) од Спогодбата од Преспа. На првата пленарна седница на МГЕ, одржана на 22. јуни 2019 во Скопје се договривме редовни седници да се одржуваат најмалку два пати годишно. Со заедничка изјава од работата на седницата ги охрабривме стопанствениците од двете држави да почнат со разговори и да не се колебаат во барање експертска помош од страна на членовите на групата. Следната седница на МГЕ е закажана за првата половина на ноември 2019 во Атина – изјави амбасадорот Ѓорѓи Филипов.
И Петковски генерално не очекува некои големи потреси во односите меѓу двете земји и имплементацијата на Договорот од Преспа, но можни се вели „искричења“ кои би произлегле од креативно двосмислените одредби содржани во Договорот.
– Не очекувам некои големи потреси, но во политика никогаш не се знае што ќе се случи и како ќе се случи, затоа што мислам дека Мицотакис го користеше баукот на Преспа и баукот на Договорот меѓу Македонија и Грција за изборни цели, односно за да ги задржи десничарските гласови. Тој одигра една маестрална политичка игра, навлезе длабоко во центарот, ги собра центристичките гласови, но исто така, ако гледате Златна зора е ослабена, партијата на Каменос воопшто не се појави на избори и така успеа еден голем спектар на грчкото гласачко тело да го освои. Не очекувам дека клучните параметри на Преспа ќе ги стави под прашање, но она што очекувам е дека ќе има веројатно некакви проблеми во однос на имплементацијата, затоа што самиот документ е така направен, содржи одредби коишто се креативно двосмислени. И токму во тие креативно двосмислени одредби лежи и опасноста за различни интерпретации и за злоупотреба од страна на политичките елити коишто сакаат тоа да го користат за предизборни цели со тоа што моево чувство и разговарајќи со пријатели од Грција е дека за грчките гласачи тоа веќе не е тема која што може да одвлекува внимание – вели Петковски.
Втората работа, вели, е што Преспа е влогот на Заев, на нашата влада и држава во градењето добра меѓународна позиција, дека таа беше поздравена од сите актери – од Ангела Меркел и од сите најмоќни политички ликови во западната хемисфера, така што, не верува дека Мицотакис има многу маневерски простор да прави големи проблеми со тоа што тоа, нагласува, не ги исклучува искричењата.
– Некакви искричења ќе има со тоа што еве повеќе искричења испадна дека има со Бугарија, а неофицијалните информации велат дека дури и во комисиите и во разговорите на експертско ниво меѓу комисиите за многу работи се усогласиле. Откако е потпишана Преспа, имаме преку 10, 11 билатерални документи потпишани за соработка на различни полиња. Така што во политиката е тешко да се предвидува, но не гледам многу маневарски простор за тоа прашање да се дигне во Грција на тоа ниво да се торпедира самиот договор. Можеби треба да се свртиме и на опасноста кај нас. Кај нас мислам дека е поголема, затоа што „морковот“ беше почеток на преговори, а гледаме дека има се повеќе колебливи држави членки во ЕУ, кои не храбреа да ја потпишеме Преспа, така што не знаеш како ќе се однесуваат и нашиве елити. Двострана е таа игра, Јас сум оптимист. Ние од блиску ќе мониторираме следниве година дена што ќе се случува, сите аспекти на Преспа – подвлекува Петковски, според кого треба да се работи на тоа да се задржи и продлабочува задоволнителното ниво на односи што се постигна.
Тој очекува дека за историјата двете страни полесно ќе се договорат, затоа што, вели, со Преспа Македонија се откажа од античкото наследство што Грција го присвојува два века наназад и што го смета за темел на нивниот национален идентитет. -Ние од тоа се откажавме, а 90 отсто од проблемите се тоа. Од другиве работи веројатно ќе има некакви проблеми со трговските марки и можноста да се употребува името Македонија во комерцијални цели, смета Петковски.
Во контекстот на ЕУ-интеграциите, извршниот директор на Евротинк посочува дека има 75 точки поврзани со отворањето и затворањето на бенчмарковите каде секоја од 27-те држави членки откако ќе почнат преговори можат да блокираат. Тој не верува дека Атина би го употребила тоа во оваа фаза да направи некаков проблем. -Нашите треба да работат со нив. Многу е важно кој ќе биде министер за надворешни работи, треба да соработуваме да им подадеме рака, вели Љупчо Петковски од Евротинк.
Повлекување на новата грчка Влада од Договорот од Преспа не очекуваат ниту аналитичарите од Грција. Во изјава за МИА, пред изборите во Грција Јанис Армаколас, проф. на Универзитетот „Македонија“ во Солун и соработник на фондацијата за надворешна политика ЕЛИАМЕП, оценува дека Нова демократија како Влада нема да го оспори и ќе го почитува Преспанскиот договор.
Новинарката Вудури од радио Атина 98,4, пак, вели дека Мицотакис повеќепати јавно кажал дека ќе го почитува Договорот. Спротивниот чекор за Мицотакис би бил „пукање во споствените нозе“, односно би и дал право на Турција да оспорува меѓународни договори како што е Лозанскиот. Тоа е клучниот аргумент што го користат од Нова демократија за да кажат дека нема шанси да биде чепнат Договорот од Преспа.
Виолета Геров
ФОТО: EPA/ORESTIS PANAGIOTOU