Мицотакис напразно пукаше со „Macedonia the GReat“

Излегува дека промоцијата на „Macedonia the GReat“, освен како поткопување на довербата меѓу двете држави, како што нагласи МНР во својата реакција до грчката страна може да се протолкува само како провокација и политички маневар на Мицотакис во обид да купи ситни политички поени.  

1053

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на бизнис форумот во Солун минатиот викенд се пофали со трговскиот слоган „Macedonia the GReat“ кој ќе го носат производите што ќе бидат извезувани во светот, а се произведени од грчкиот регион Македонија, но фактите говорат дека за прашањето на трговските марки според Преспанскиот договор е надлежен Комитет за деловен дијалог, кој како што дознаваме, досега не одржал ниту еден состанок, ниту пак разгледувал каков било предлог од грчка страна.

Во МНР за Плусинфо велат дека очекуваат одговор од грчкото Министерство за надворешни работи за датумот на првиот работен состанок на Комитетот и вториот состанок на Меѓународната група експерти. Според ова, излегува дека промоцијата на „Macedonia the GReat“, освен како поткопување на довербата меѓу двете држави, како што нагласи МНР во својата реакција до грчката страна може да се протолкува само како провокација и политички маневар на Мицотакис во обид да купи ситни политички поени.

Откако ќе почна со работата, велат во МНР, согласно Преспанскиот договор, бизнис заедницата и експертите за оваа проблематика на двете држави имаат рок од три години за изнаоѓање конкретни решенија за трговските марки и заштитните знаци, со што тие треба да станат и задолжителни.

– Сите прашања поврзани со термини на имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци треба да се разгледуваат во рамките на Комитетот за деловен дијалог, на кого со совети ќе им помага Меѓународната група на експерти, составена од претставници на двете држави, која што пак е составена од експерти специјализирани за овој вид прашања. Тие ќе имаат асистенција и од други меѓународни експерти за оваа област, како на пример од Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO) и Заводот за интелектуална сопственост на ЕУ (ЕУИПО) – велат од МНР за Плусинфо.

Меѓународната група на експерти за комерцијалните имиња, трговските марки и заштитните знаци од јуни кога е формирана досега има одржано само една седница во Скопје.

Координатор од македонска страна е поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов. Предвидено е оваа група заедно со претставници од Грција да работат на постигнување на взаемно прифатливи решенија за овие прашања, согласно обврските од Договорот од Преспа, потпишан на 17 јуни 2018 година.

Филипов, шефот на македонската делегација пред неколку дена во интервју за МИА рече дека досега во регистрите на Европскиот завод за интелектуална сопственост (EUIPO) или на Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO) (Мадридски договор или Мадридски протокол) не постои пријавена или регистрирана трговска марка, географска ознака или комерцијално име на компанија (фирма) со спомената ознака.

– Тоа значи дека не можела да биде предмет на разгледување, ниту на грчкиот, ниту на македонскиот дел од Меѓународната група на експерти, ниту пак на целата група во која има член(ови) од (WIPO), а се очекува именување и на член(ови) од ЕУИПО – рече Филипов.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...