Мицотакис: Договорот од Преспа е политички и дипломатски пораз за Ципрас и Коѕијас

247
ФОТО: EPA / SIMELA PANTZARTZI

Ставот дека Договорот од Преспа е лош за Грција, но и дека претставува дипломатски и политички пораз за премиерот Алексис Ципрас и шефот на дипломатија Никос Коѕијас, го повтори лидерот на опозициската Нова демократија Киријакос Мицотакис, во неговото воведно обраќање на средбата во Солун со претставниците на организациите на производители и на научните организации од Северна Грција, упатувајќи остри критики да актуелната грчка Влада, како за економијата, така и за прашањето за името.

– Овде во Северна Грција постои уште еден облак што ја засенува атмосферата, заедно со облакот на даноците, на придонесите, на распаѓањето на државата, а се однесува на скопското прашање – рече Мицотакис.

Лидерот на најголемата грчка опозициска партија, уште еднаш ја обвини владата дека им го отстапила „македонскиот идентитет на соседите“.

– За жал договорот што го потпишаа господата Ципрас, Коѕијас и Каменос е лош договор за земјата. Тоа е договор што ги навредува сите Грци, не само Македонците, бидејќи ги задоволува цврстите стремежи на скопската страна, кои не се други од отстапување на македонскиот јазик и македонската националност, односно во суштина, отстапување на македонскиот идентитет на нашите соседи. И ова, знаете, не е само дипломатски, политички пораз на господата Ципрас и Коѕијас, кои дејствуваа тајно и во отсуство на националната линија, во отсуство на народот, во отсуство на партиите. Скопското прашање, само по себе е огромен независен економски удар за бизнисите и производите од Северна Грција – рече Мицотакис.

Лидерот на Нова демократија додаде дека самите производители добро знаат дека се соочуваат со проблеми со конкуренцијата, со прашања поврзани со регистрацијата на производите, проблеми кои носат „заемен сомнеж кој на крај се претвора во пречка во меѓудржавните и трговските односи“. Претходно, според него и покрај нерешениот проблем, постоел баланс.

Кирјакос Мицотакис истакна дека начинот на кој владата управувала со целото прашање „го труе самото општество и предизвикува логични негативни реакции“, а паралелно „навредувајќи ја националната свест, ги зацврстува националистичките гласови“.

– Знаете, вистинските патриоти не се националисти. А екстремните националисти не се патриоти. Никогаш не треба да го заборавиме ова. И да не ги мешаме овие два термини. Крајно навредливо е за еден цел народ, особено за народот на Македонија, секој кој не се согласува со овој договор, колективно да се карактеризира како радикален десничар и како националист, порача лидерот на Нова демократија – пренесе МИА.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...