„Со сила убавина не бидува!“ Да, токму така. Со сила само лошо може да те најде. Тоа го знаат сите. Но некои тоа не сакаат да го сфатат. Сакаат само власт. Сила употребуваат оние што изгубиле и „урка и вретено“, па немаат што друго да прават. Лидерот побегна! ВМРО-ДПМНЕ во паника е. „Секој ден ќе штрајкуваме! И да врне и снег да вее, ќе штрајкуваме против Заев и криминалната Влада!“ Така заклучило раководството. Дали оваа „наредба“ ја дал Мицкоски или е испратена од Будимпешта? Од каде и да е, велат, мора да се спроведе. Мора ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт. Мора да се спасат „арамиите“, насилниците кои влегоа во Парламентот. Мора пак на власт. Македонија има уште пари за крадење. Партијата ги повикува своите членови, оние што останаа и што се најверни, но, и народот демек, оние кои ја „сакаат“ Македонија да излезат и да кажат јасно и гласно дека не се за менување на Уставот и за влез во НАТО и во ЕУ.
Минувам деновиве покрај група пензионери. На висок тон се расправаа. Едните го „фалеа“ предлогот на Мицкоски, а другите го „кудеа“. Кога со гордост почна да го фали Груевски еден, кој дотогаш молчеше, стана од клупата и на висок глас му вика:
„Доста е бре. Доста е. Зар не може ни тој ваш Мицкоски да разбере дека со сила убавина не бидува. Груевски ви бил добар! Тогаш зошто побегна? Ајде кажи? Арамиите само бегаат. Јасно ли ти е! Си ги собра украдените пари и побегна. Ако му беше жал за нас и за Македонија зошто нѐ остви како сираци? Нели сите вие бевте од кај него. Му верувавте како слепци. И сега му верувате. Да те прашам што досега направивте за доброто на народов и за Македонија!? Арам да ви е бре! Со партали ја украде и изеде и на крај побегнаа. Едниот за Унгарија, другите во Грција. Каде ќе бегаат оние ваши „патриоти“ што останаа. Ги „боли“ за Македонија. Така да знаеш. Освести се и разбери дека и тебе и сите нас нѐ лажеле. А еве сега, оној Мицкоски, „патриот“, вика да штрајкува народот. Наместо да подаде рака и нешто „асолно“ да направи за оваа наша Македонија, тој нѐ вика да киснеме на дождот и да викаме против другите. Против кого да викаме? Па тие се наши. Вчера ги избравме. Гласот го дадовме за нив. Да видиме што ќе направат. Ако се како овие и тие ќе си одат. А сега нѐ тераш против братот ли да штрајкуваме. Ајде кажи и ако им веруваш на лагите на „твојот“ водач уште утре тргај за Скопје и штрајкуј, а не само да „ломотиш“ овде.
„Ама чекајте бре. Овие името сакаат да ни го сменат. Да не сме биле Македонци. Да бидеме Северна Македонија. Во НАТО и ЕУ да влеземе. Зар таму мед и млеко тече. Бадијала се надевате. Од Грујо и Мицко подобри нема. Е што избега грешка му е, ама, рака на срце, Скопје го направи како „кукла“. За тоа треба капа да му се симне.
„Арам да ти е бре. Со кои пари го направи Скопје кукла? Со кои пари ги направи оние споменици? Со твои, мои, со народни пари. А половина ги „лапна“ и со нив избега. На Македонија не ѝ требаат споменици од антиката зашто ние сме Словени, а не антички изроди. Ние писменост ѝ дадовме на Европа. Не ни се потребни споменици. Нас ни треба да се запре младите повеќе да не ја напуштаат Татковината, а не да одат на печалба во светот. Јас и ти ли, кои имаме над осумдесет, ќе ја градиме и чуваме Македонија!? Арно ти рече претходниов, ако веруваш како „слеп за стап“ викни ги и синот и снаата и внуците, кои одамна ти се во Германија, и сите да одите пред собранието. На чело ти да бидеш! Јас не сум во никоја партија. Партија мене не ми треба. Нашето се виде. Но не можам да разберам што луѓе сте вие. Најголемите, најбогатите и најсилните ни подаваат рака и ни велат дека местото на Македонија е во НАТО и ЕУ, а вие не па не. Не знам. Се чини Господ вас не може да ве разбере, а не некој друг!“.
Ги оставив и понатаму да се расправаат, да викаат на висок тон. Некои од минувачите се „замешуваа“ во разговорот, но, поголем број одмавнуваа со раката и си продолжуваа по улицата.