Ќе извлечеме сиже од јавната расправа за Законот за јавно обвинителство и ако тоа од експертската јавност се преточи во текстот, не гледам зошто не би поддржале, а овој старо-нов закон во никој случај ја нема нашата поддршка, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при денешниот престој во Прилеп, одговорајќи на новинарско прашање за мислењето на партијата за денешната јавна расправа за Законот за јавно обвинителство.
– Да ја слушнеме јавната расправа, да видиме што ќе се зборува на таа расправа, да извлечеме едно сиже од тоа што е кажано. Ако тоа, како експертска јавност, биде преточено во текстот на законското решение, на Законот за јавното обвинителство, тогаш ние како ВМРО-ДПМНЕ сето тоа ќе го поддржиме и не гледам причина зошто не би било така. Но, ваков каков што е предлогот, ние како ВМРО-ДПМНЕ, овој старо-нов предлог ниту имаме намера, ниту пак ни паѓа напамет да го поддржиме, зашто не сакаме да поддржиме уште една амнестија и аболиција на политичари од минатото – изјави Мицковски.