Амандмани на Законот за употреба на јазиците кои во себе ќе ги соржат забелешките на Венецијанската комисија и ќе бидат во согласност со Уставот, најави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој очекува амандманите да бидат поддржани и од Владата.
На прес-конференција Мицкоски изјави дека законот треба да се направи уставен и никој во државата да не се чувствува како оштетена страна.
– Еден неуставен закон да го направиме уставен, во духот на европските практики содржани во забелешките на Венецијанската комисија. Никој во оваа држава да не се чувствува оштетена страна. И затоа овие амандмани треба да бидат поддржани од власта, од Заев и неговата коалиција, со што ќе се демонстрира зрелост но и само така да се покаже дека нема да има компромиси со правото. Во спротивно, ќе се одбере популизмот, во надеж за нови измами, без дела – рече Мицкоски.
Постоечкиот закон, според Мицкоски, е правна дивоградба.
– Тој е таков затоа што пред се Зоран Заев манипулираше со чувствата на граѓаните и сакаше гласови со измама и тоа од Албанците. Значи тој беше спремен на компромис со правдата и правото само за да добие глас повеќе. Ова е тема со која Заев сакаше да ги прелаже Албанците во негов стил, за да ги добие нивните гласови, иако ние укажувавме дека законот освен тоа што е противуставен е и неспроведлив и не помага никому. Само не внесе и не заплетка повторно во нова дебата на стара тема во која има многу емоции и национални чувства, а особено имајќи во предвид со кого имаме работа, за очекување е тие да бидат злоупотребени во текот на изборите – рече Мицкоски.
Мицкоски потсети на неколку предлози на ВМРО-ДПМНЕ, со кои како што рече, требало да се зацврстат демократските процеси и правната држава.