Првиот опозиционер Христијан Мицкоски на протестот пред Собранието рече дека Заев на сила дошол на власт и дека луѓе заглавиле во затвор поради 27-ми април, кој на премиерот сега му служи за пазарење за гласови за измени на Уставот.
-Заев се пазари не само за случајот од 27-ми април туку и за СЈО, Русковска обвинителството и Кацарска судството и сите нивни случаи. Тоа е тој триаголник кој на Заев му дава механизми за да товари луѓе, за да се пазари како на тезга да тргува со животни судбини додека си ја обезбедува кариерата и сопствениот паричник на грбот на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија – рече Мицкоски.
Според него, Заев одлучува кој да излезе а кој да влезе во затвор, тргува и со притворите. Тој додаде дека тие што одбрале да слугуваат на Заев, може да ги разбере, оти биле притиснати.
– Северна не е мојата татковина. Можеби на Заев, но не и мојата. Не на народот. Наша е само Македонија, така и ќе остане. Заев со неговото владеење ќе остане запаметен на темната страна на историјата. Како човекот кој продал најмногу од територијата на Република Македонија и македонскиот идентитет, а не изградил ништо. Како човекот кој држел преку година дена луѓе, родители, браќа и сестри, соседи во притвор за политички случаи, ќе остане запаметен како човекот кој го продал името на сопствената држава. Паѓаат и тоа се гледа секој ден паѓаат вртоглаво. Ја губат контролата и тоа им е јасно. Ова се последните крици и мрдања на оваа забревтана и прокувана машина од 90-тите од периодот на транзицијата ова се последните остатоци што ќе ја газат оваа напатена држава и овој народ – рече Мицкоски.
Тој обвини дека единствена надеж на СДСМ е да победи на наместени избори.
– Со сите неправди и со сите злоупотреби ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија, ќе ве растури на претседателските избори, така што нема да знаете што ве снашло. Да си ја вратиме Македонија, заеднички да ја изградиме нашата среќа да се избориме за нашата иднина. Да живее Македонија, ова име кое се изговара со чест и длабока емоција. Да живее Македонија, збор кој се изговара со внимание со гордост во срцата, и силна енергија. Со посебно чувство, и почит и наклон – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.