Го читам последното интервју на Христијан Мицкоски за порталот Курир и сфаќам дека покрај сета таа нужна и одглумена „патриотска“ реторика („јас и Заев сме прозападно ориентирани, ама Заев е за Северна, а јас сум за Република Македонија“), сепак, шлаканиците што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги доби од сестринските европски народни партии на самитот во Хелсинки имаат ефект.
Кој очекуваше, на пример, дека јавно „бдеење“ пред конечното вдомување на Никола Груевски во Шутка, ќе мине без протести на ВМРО-ДПМНЕ, без селски стражи што ќе ја чуваат вмровската икона, без дежурства пред судот, без граѓанска непослушност и бојкот на институциите, без блокади на крстосниците, без напуштање на парламентот, без барање Ѓорге Иванов веднаш да потпише аболиција, без напади врз судијката и без протести пред СЈО? Кој очекуваше оваа „драма“ да се игра на малата сцена на нашиот политички театар, речиси во камерна атмосфера?
Запрашан од куририте за начинот на кој власта „се пресметува со криминалот“ – пази вординг во прашањето, богати! – Мицкоски прилично ладнокрвно одговара: „Тргнете ги на страна оние политизирани случаи каде таргет е ВМРО-ДПМНЕ, па тие една акција немаат за сузбивање на криминал, сте виделе ли некој откриен поголем контигент на дрога, на шверц на цигари, освен ако го изоставиме оној нивен градоначалник од Ново Село кого го наградија со слобода поради тоа што шверцувал“. Нема крик против „политичкиот прогон“, за што наголемо се мантраше пред Хелсинки. Спаднал лидерот на отпорот на тоа да ја спомнува онаа несреќа Боро Марлборо…
„Погледнете – вели Мицкоски – додека тие лажат дека сум бил антизападен, да ме престават изолиран и слично, тие го продаваат името, ама тоа му доаѓа како она во рекламите, купете два сока, третиот доаѓа гратис. Па не само што го продаваат името, идентитетот, па и одлуките на АНСОМ ги бришат, а го воведуваат рамковниот договор. Тука не е прашањето дали јас сум антизападен или не, јас Русија само на карта сум ја видел, прашањето е што Заев го продава името на шверцерски начин“.
Хм… Ја разбирам јас таа фрустрација кога некој ќе биде препознаен како антизападен (по своја вина, се разбира), а Русија само на мапа ја видел, ама за да се докаже спротивното, треба малку да се поработи „на случајот“. И тоа Мицкоски изгледа го сфатил. И работи човекот. Дејствува. Гледам, амандманската расправа во парламентот тече ко по лој. Извршниот и централниот комитет на партијата немаат никакви заклучоци за Груевски. Партијата, засега барем, не се индентификува со онаа шака авантуристи бојкотирачи. Значи ли тоа дека раководството, сепак, одлучило да не се врзува за судбината на еден политички лузер што треба да заврши зад решетки и за една политика која нема иднина?
Рано е да се носат заклучоци, но имам впечаток дека Мицкоски, после Хелсинки, не е истиот човек. И тоа, вака кажано и од мене, не е критика, туку комплимент. Политичарот не е магаре па да не го менува ставот – се менуваат околностите, се менува односот на силите и во такви ситуации, од него се очекува да се однесува рационално, а не да рика тврдоглаво. Јас мислам дека еден таков пресврт во политиката, кој баш и не бара Мицкоски и раководството да се откажат од фолклорниот аспект на национализмот како некаква нивна традиционална идеолошка линија, може партијата да ја изведе од длабоката криза и до нешто повеќе од гратис сокче.
Хорошо, товариш Мицкоски! Продолжи во таа насока.
ПС. А Русија, Христијане, да ја видиш во првата прилика. Нема да згрешиш. Јас сум ги видел Москва и Петерсбург (тоа и не е Русија, ама ете) и има што да се види. Ќе ти препорачам што не смееш, а уште поважно – што мора да пропуштиш да видиш. Покрај Путин, кој ти е прв на списокот за пропуштање.