Наместо да се крие зад параноични партиски соопштенија, Христијан Мицкоски, лично да им одговори на граѓаните дали бил во Будимпешта и дали се сретнал со неговиот ментор, бегалецот Никола Груевски и ги договарал тековите на кампањата на Гордана Силјановска, вели Коста Костадинов, портпарол на СДСМ во одговор на новинарско прашање од Плусинфо, а во врска со обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која тврди дека луксузно возило „бентли“ со струмички регистарски таблички, наводно управувано од роднина на премиерот Зоран Заев го следело лидерот на опозициската партија на неговото транзитно патување во Будимпешта.
ВМРО-ДПМНЕ викендов потврди дека Мицкоски бил во куса, еднодневна посета на главниот aвстриски град Виена. Таму престојувал приватно, а со оглед на тоа што Мицкоски е и професор на високонаучна установа, причината за престојот, како што тврди неговата партија, била за научни цели.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски патувал во Виена со приватниот автомобил, а низ Унгарија поминувал исклучиво како транзитна дестинација. Во текот на патувањето, односно во близина на Будимпешта на враќање кон Скопје, тврди партијата, возилото на нивниот лидер било следено од возило од марката „бентли“ со струмички регистерски таблички.
– Вистината е дека во близината на Будимпешта, околу 40 километри после Будимпешта на враќање кон Скопје, неговото возило извесен период е следено од луксузно патничко возило од марката „бентли“ со струмички регистарски таблици, управувано од роднина на премиерот Зоран Заев – обвини ВМРО-ДПМНЕ.
Ова тврдење на опозициската партија, социјалдемократите го оценуваат како признание дека Христијан Мицкоски еден ден пред почетокот на предизборната кампања бил на „транзитно“ патување во Будимпешта и бараат дополнителни одговори од опозицискиот лидер:
– Доколку се вратил Мицкоски од „транзитното“ патување преку Будимпешта треба да одговори дали се сретнал со неговиот ментор, осудениот криминалец и бегалец од правдата Никола Груевски и дали непосредно пред почетокот на предизборната кампања, Мицкоски од Груевски барал совети за нивната кандидатка Гордана Силјановска – вели Костадинов.
А, ВМРО-ДПМНЕ, пак, бара владејачката партија да каже кој стои зад операцијата на следење на нивниот лидер и кој го плаќа тоа.
– СДСМ треба да одговори на прашањето чие е возилото „бентли“ со струмички регистерски ознаки кое што го следи лидерот на опозицијата? Кој го управува и кој издал наредба да се следи и снима лидерот на опозицијата? Која е целта на следењето и кој ја финансира оваа незаконска операција? Како што наближува денот на гласање сѐ поочигледен е стравот и паниката на Зоран Заев од неизбежниот изборен пораз. Затоа, Заев и СДСМ се одлучуваат на вакви очајнички чекори – велат од ВМРО-ДПМНЕ.