Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ кој денеска најави дека попладнево ќе знае кој ќе биде технички министер за внатрешни работи истакна дека техничката влада се проблематизира од страна на власта, пред се изборот на професионалното решение за прв човек на МВР и обвини дека зад сето тоа стои стравот на СДСМ и Зоран Заев од соочување со народот на избори.
-Тој страв е темелен на тоа што подоцна ќе мора да се соочат со сите грешки од своето владеење, а за грешките ќе мора да има одговорност – рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, сепак, вели дека таквата реакција е и рефлексија на трулиот систем кој отфрла професионалци.
– Професионалците не се природната средина ниту за Оливер Спасовски, ниту за Зоран Заев. Тие сакаат да бидат опкружени со луѓе нивни обожаватели, клиентелисти и материјалисти – рече Мицкоски.
Според него, во системот има недоречености.
– Власта упорно го цитира членот 97 од Уставот, а членот 23 од Уставот е јасен, односно тој вели секој граѓанин во државата има право да учествува во вршење на јавни функции – рече Мицкоски, кој обвини дека деновиве се потврдило „замешателството на оваа влада на чело со Зоран Заев во било која судска истанца, тоа Основен суд, Апелационен суд, врховен суд, или уставен суд е неминовност“.
Мицкоски додаде дека дека Уставниот суд воспоставува пракса во минатото за ваков сличен случај.
– Уставниот суд во состав Лилјана Ингилизова Ристова, Трендафил Ивановски, кој што се потпишува како доктор на науки, Махмуд Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бајрам Положани, Игор Спирковски, Зоран Сулејманов на 3 ноември 2004 година носи одлука во која што се прогласува за ненадлежен да постапува по поединечен акт кој што во тоа време Хелсиншкиот комитет го поднесува до Уставниот суд и практично ја оспорува номинацијата на тогашниот министер за внатрешни работи кој што најпрвин го идентификува како заменик директор на Управата за безбедност и контра разузнавање во одреден период, а потоа и за директор во Управата за безбедност и контра разузнавање. Понатаму овие исти судии велат дека се ненадлежни да постапуваат во оваа претставка поднесеа од Хелсиншкиот комитет бидејќи тоа бил поединечен акт и прераснува во т.н. Судска пракса. Од друга страна ние во Уставот немаме категорија наречена технички министер, но и техничка влада – рече Мицкоски.
Мицкоски исто така го цитираше Законот за внатрешни работи, членот 32 и членот 33, каде што се дефинира статусот на овластено службено лице и работник во МВР, таму се опфатени и министерот, и заменикот и останатите.
– Истовремено во членот 168, ставот 1 кој што вели: „работник во министерството не смее да основа, да раководи, да ја застапува и претставува политичката партија и да биде член на органите на партијата утврдени со нејзиниот статут“. Ќе ве потсетам господинот Оливер Спасовски кога беше предложен за министер за внатрешни работи истовремено според статутот на СДСМ беше Генерален секретар на таа партија, а откако се случија оние настани што се случија со изборот на новата влада, ова лице беше потпретседател на СДСМ но тоа не му пречеше на тогашниот мандатар Зоран Заев да го прекрши законот за внатрешни работи и да го предложи неговиот потпретседател за министер за внатрешни работи, рече Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ претходно го предложи Драган Ковачки за нов технички министер за внатрешни работи, а кај власта предлогот отвори дилема дали е во согласност со Уставот, откако беше истакнато дека станува збор за воено лице на служба во Армијата. Ковачки доаѓа од АРМ и е со чин полковник. Тој има долга кариера во војската, меѓудругото и како Командат на 1. механизирана пешадиска бригада.