Изборите треба да се одиграат во фер и демократска атмосфера, што ќе биде многу важно за одлуките во јуни. „Да може земјата да ја сврти новата страница од 27 април, за остварување на заедничките цели и интереси“, смета францускиот амбасадор Тимоние.
ТВ дуелот на Заев и Мицкоски сепак мошне малку покажа вистинска фокусираност и подготвеност во јавноста да се упати јасна порака дека заедничките цели се врвен приоритет, а околу чие остварување посебно опозицијата барем делумно може да ги стави настрана своите партиски интереси. Во дуелот најмногу доминираше речиси непомирлив антагонизам, изострен токму на линијата на длабоката поделеност на македонското општество, пред сè врз партиско-политичка основа.
На моменти можеби претераниот оптимизам на премиерот и упорноста во одбивањето на лидерот на опозицијата да признае барем еден милиметар како позитивен помак на владините заложби и политики, посебно дојдоа до израз и во однос на прашањето за очекувањата во јуни Македонија да добие датум за почеток на преговите за членство во ЕУ. А, токму тоа е едно од клучните прашања за оставрување на заедничките цели и интереси за кои зборува Тимоние.
Но, додека Заев својот оптимизам го засновува, меѓу другото, врз Договорот со Грција, кој ја поткрена тешката рампа која од 2004 година го блокираше патот на Северна Македонија кон европските интеграции, Мицкоски ќе бара друга, поинаква траекторија по која ќе се движи кон Европа. Во која насока би била поставена таа траекторија, и на каков начин би претставувала патека по која Македонија би почнала да се доближува до ЕУ-композицијата која сè уште се оддалечува од Западен Балкан, од она што го зборува Мицкоски останува како енигма. Веројатно го остава тоа да им го разјасни на граѓаните откако ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе ја освои власта, уверен дека неговите избирачи ги интересира членството само како гол факт, но не и содржината на интегративниот процес и спроведувањето на системските реформи кои ќе доведат до – полноправното членство.
Но реалноста во Европа ни најмалку не оди во прилог на отстапување од некоја предвидлива насока, гледано од аспект на досегашните позитивни искуста во проширувањето на ЕУ, при што поприфатлива алтернатива би претставувало престројување кон некои нови и непознати патишта. Во пресрет на изборите за Европскиот парламент во мај годинава, нема некакви посебни знаци дека уморот од проширувањето на ЕУ, гледано пошироко меѓу ЕУ-членките, се намалува. Во последно време процесот на проширување веќе не се ни споменува како прашање вклучено во корпусот на приоритети поврзани со најважните реформски зафати во Унијата.
Конкретно, кога станува збор за Балканот, заложбите за натамошно проширување на ЕУ, во светлината на напорите за натамошно помирување и јакнење на соработката во Западен Балкан, како да се на удар од страна на политички сили во Европа кои се профилираат преку поттикнување на националистички и ксенофобични расположенија. Нивната цел е затворање на границите, дури и како некакви претпоставени линии на културно разграничување, и редуцирање на улогата на ЕУ, а што би имало сериозни последици, и тоа посебно кога станува збор за натамошниот развој на Балканот.
ЕУ во изградбата на силна Европа не се потпирала пред сè врз зголемување на централизацијата, туку на заедништвото и проширувањето. Денешна Европа во најширока смисла на интегративната идеја е обидената Европа – една друга Европа во споредба со она што таа го претставувала во претходните децении – и тоа најмногу благодарејќи на процесот на проширување. Повеќе слобода и стабилност на целиот континент е суштинскиот резултат на проширувањето. Токму затоа е неопходно да се конкретизира и патот кој води кон ЕУ-членство на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја, се разбира и Македонија. Само на таков начин ќе можат да се излечат последните поделби и рани, остатоци од етничките конфликти во Европа.
Наместо да увезува нестабилност, ЕУ извезуваше слобода, безбедност, слободни пазари и заеднички правила во рамки на владеењето на правото. Одговорот на ЕУ во однос на предизвиците околу натамошниот процес на проширување е дека секоја земја е добредојдена, доколку ги исполнува тие демократски критериуми.
Во таа смисла развојот во Западен Балкан е прашање за цела Европа. Но критериумите се мошне строги. Времето на „политички“ прием помина, според примерот на членството на Бугарија и Романија, кои „куртулија“ до крај да ја завршат домашната реформска задача пред да добијат столче во салоните во Брисел. Но, најскапоценото искуство сега всушност се забележува во барањето на Европската комисија дека земјите кандидати треба да гледаат на членството како слободен избор. Не смее да постои некаква двосмисленост кај политичките лидери во Западен Балкан, „каде припаѓа нивниот регион и во која насока треба да се движи“.
Од перспектива на ЕУ проширувањето е „геостратегиска инвестиција“ изложена на конкуренција од страна на други силни актери – и тоа не само Русија и Кина. Доколку земјите од Западен Балкан покажуваат тенденции да се движат и кон други интересни сфери, тогаш историската шанса и можност за интегрирање во заедничкото европско семејство би можела да остане неостварена.
Затоа, Мицкоски и неговиот енигматски речник за „поинакви траектории“ не може да се толкува на друг начин освен како неодговорен пристап во борбата во која не се бираат средства за освојување на избирачки симпатии и гласови.
Но, наместо симпатии, за нејасни политички агенди во Брисел не може да се очекува ништо друго – освен дипломатски шлаканици.