Во целокупната процедура на Законот за јазиците има многу недостатоци, има многу дивјаштво, многу насилство, и сето она кое што се случуваше навистина не прилега на една демократска земја која што се стреми, планира да биде утре дел од европското семејство, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на новинарско прашање кога ќе поднесат преставка до Уставниот сод за тој закон.
– Поднесовме кривични пријави против луѓето кои што се соучесници во ова злодело и насилство врз основа на Уставот и законите, и парламентарните процедури. За жал, ете се случи предвреме господинот Кекеновски да поднесе практично претставка во Уставниот суд за оценка на уставноста за Законот за јазиците. Доколку се суди согласно правото во оваа држава овој закон треба да биде отстранет. Повторно ја користам оваа прилика да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ не е против примената на јазиците на етничките заедници во Република Македонија но тоа мора да биде направено согласно Уставот, законите и во една процедура во која што ќе бидат Уставот и законите испочитувани – рече Мицкоски.
Тој додаде дека играње на ниски страсти пред претседателски избори, играње на начин на кој што ќе се тргува со гласовите на втората најголема етничка заедница во Република Македонија, а тоа го прави првата помеѓу албанските гласачи, политичка партија СДСМ и втората во случајот ДУИ е навистина неприфатливо.
– И ние како политичка партија апелираме дека ова не може да се толерира и во име на тоа ги повикуваме и Уставните судии, Обвинителството и судството да постапат според законите и Уставот во оваа држава. А, они знаат ако постапат според законите и Уставот како треба да донесат одлука. Да се воздржат од било какви политички притисоци од политичките елити во државата и да им оставиме на луѓето да си донесат одлука онаква како што треба да е донесе согласно правото, Уставот и законите – рече Мицкоски.