ВМРО-ДПМНЕ ќе испорача нов Закон за јавно обвинителство. Ние ќе направиме закон што ќе биде соодветен на европските стандарди. Граѓаните од ова сега и од Специјалното јавно обвинителство не добија ништо, резултатот е еднаков на нула, изјави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во интервју за Канал 5 телевизија.
Според него, тие луѓе кои ја обвинуваат опозицијата сакаат да го искористат Законот за јавно обвинителство со една цел, а тоа е да ја нападнат ВМРО-ДПМНЕ бидејќи знаат дека на следните избори ќе доживеат дебакл, и оти, како што рече, народот заедно со ВМРО-ДПМНЕ ќе ги порази и единствен начин како да се спасат, е да донесат еден ваков закон и да го користат за политичка пресметка со опозицијата
– ВМРО-ДПМНЕ формираше внатрепартиски тимови и тие ќе работат во рамки на правната комисија на партијата, во креирање на еден закон, што ќе го опфати компаративното применливо европско право, ќе ги опфати препораките и праксите на Европскиот суд за човекови права – рече Мицкоски.
Според Мицкоски во земјава нема реформи, Извештајот на ЕУ содржи критики за власта, па затоа и немаме датум за преговори.
– Ја слушнавме изјавата на амбасадорот Тимоние знаеме што кажа во однос на реформите, истото кога Германската бизнис асоцијација и додели нула на владата за функционирање на бизнисот во Република Македонија – вели Мицкоски.
Оценува дека се е добро на хартија, но нема имплементација, лош е амбиентот во кој функционира политиката и демократијата, нема владеење на право.
Тој вели дека треба да се лобира за земјава да добие датум за преговори.
– Ние како опозиција сме конструктивни и понудивме соработка за да се добие датум за преговори со Брисел, Зоран Заев не одговори. Јас и претставници на партијата лобиравме и во Берлин и во Брисел за датум за почеток на преговори со Брисел. Ние дадовме повеќе од што заслужува Владата и таа криминална дружина, но ние не го правиме за Заев и за криминалната дружина, туку за државата – рече Мицкоски.
Во однос на тоа дека не е повикан на средба кај претседателот Стево Пендаровски, лидерот на опозицијата рече дека секогаш кога ќе биде повикан на лидерска средба каде што ќе се одлучува за иднината на државата, ќе присуствува.
– Но, доколку господинот Пендаровски сака да има тет-а-тет средба со мене тогаш ќе треба да докаже дека е претседател на сите граѓани. И ја користам оваа прилика еве да му упатам еден апел доколку навистина искрено сака средба со лидерот на опозицијата, прво што треба да направи е да им се извини на Македонците во Република Македонија за неговата изјава за Гоце Делчев и истата да ја повлече, па дури потоа може да разговараме за наша заедничка средба – вели Мицкоски.
Во однос на Парадата на гордоста што денеска се одржа во Скопје, тој истакна дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ се семејните вредности, конзервативниот пристап што се и главните атрибути на функционирање на партијата.
– Една семејна парада би била соодветен одговор на ваквиот начин на однесување на определена група на луѓе во нашето општество – вели Мицкоски во интервјуто за Канал 5.