Мицкоски: Пријател од НАТО земја ми рече дека Заев не вика „не“, но од мене нема да чуете дека некому ќе омекнувам срце

10723

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, 28. годишна конференција на УМС ја искористи за да ја најави и партиската програма на партијата за предвремените парламентарни избори на 12 април 2020 година.

– Ќе имаме јасни стратешки партнерства со ЕУ, САД и НАТО. Ќе работиме за ЕУ, ќе работиме за стандарди и принципи. Да си ги признаеме слабостите за да можеме да одиме напред, а ниските страсти во политиката ќе ги оставиме на страна. Еден мој пријател од една западна земја членка на НАТО во една прилика ми рече „Имаме проблем со Зоран Заев. Ветува се живо на секаде и никому не вика не“. Од мене нема да чуете приказни дека на некого ќе му го омекнувам срцето само за да ни се погледа низ прсти, туку има да се засукаат ракавите и да се работи деноноќно – рече Мицкоски.

Тој соработката со ЕУ, САД и НАТО ја наведе како една од деветте основи на кои ќе се базира нивната програма.

Меѓу останатите точки тој најави дека нема да има предолго останување на функција колку и добро некој да ја врши својата работа. Како услов, во неговата идна работа како премиер, посочи оти нема да има функционер кој ќе тера бизниси паралелно.

– Ако има некој функционер кој сака и функција и да биде бизнисмен, нека заборави на тоа. Овој народ треба да има луѓе на позиции кои ќе одговараат на барањата на граѓаните, не на личните интереси – рече Мицкоски.

Тој најави дека ќе се залага за квалитет, па во таа насока и дека е спремен да постави на функција некој кој е надвор од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата. Тој ќе биде добредојден, рече лидерот на опозицијата, бидејќи тоа ќе носи бенефит за народот и за државата, но и за партијата бидејќи граѓаните тоа ќе го наградат.

Скратување на привилегиите на функционерите, е уште едно ветување кое го испрати Мицкоски, бидејќи рече дека не може некој да се луксузира додека народот јаде леб и сол. Кратењето на привилегиите, најави, ќе почне од него.

Тој порача дека ќе ги тера функционерите да излегуваат на терен меѓу народот.

– Ако можам јас да минувам илјадници километри за еден месец тоа ќе мора да го прави секој – рече Мицкоски најавувајќи дека на тој начин ќе се прибирале идеи од граѓаните, а за ваквиот начин на функционирање ќе имало и координативно тело и министер кој ќе ја организира оваа работа.

Тој зборуваше и за економијата, подигање на квалитетот на образованието, спречувањето на иселувањето со мерки за вработување и поддршка за младите итн.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...