За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкски прифатливи се брзи предвремени парламентарни избори но рече дека ќе почека до утрешната лидерска средба кај претседателот на државата за од Заев да ги чуе предлогот. Тој за денешниот повик на Заев за брзи избори рече дека видел човек кој што е уплашен, кој што е свесен за сите грешки кои што ги направи. Човек кој што му трепери гласот затоа што е несигурен и се обидува грчевито да го ублажи поразот кој што е неминовност на следните предвремени парламентарни.
– Тоа што го зборував во минатото тоа го потврди Зоран Заев дека е потребен нов почеток за да може да успее Македонија, да дојде обновата на Македонија. За да од Македонија ние направиме навистина модерна и европска држава која што ќе се темели на принципи и вредности, закони и почитувања на Уставот. Силна економија, тигар на Балканот, имаме план, имаме визија, имаме стратегија, знаеме како тоа да го постигнеме. Јас сум убеден дека ќе ги убедиме нашите сограѓани и масовно да излезат и да ја дадат поддршката за политиките на ВМРО-ДПМНЕ, кои што ќе ги презентираме на претстојните предвремени парламентарни избори – рече Мицкоски.
Тој додаде дека малку чудно било кога го слушнал денес Заевкога вели да се европеизираме ние за да можеме да ја европеизираме Македонија.
Мицкоски рече дека прво ќе почека да го слушне предлогот од Заев за избори да види што подразбира под тоа брзи предвремени парламентарни избори, па дури потоа ќе одговори.
– Законот е јасен, се знае што значи парламентарни избори, што значат закони во парламентарни избори. Треба тоа едноставно да се испочитува и веднаш да ги распишеме и да формираме техничка влада, технички премиер и да одиме на предвремени парламентарни избори. Ние тоа веќе го предлагаме месеци наназад. Јас и вчера зборев, избори не како избори за пуста власт, туку избори за да направиме нешто што ќе ја определи иднината и развојот на оваа држава. Онака како што треба да се развива. И затоа е потребен политички консензус. Претпоставувам дека тоа ќе го разговараме утре. Еве самиот тоа го најави доколку не се премислил. Па ќе видиме, ќе разговараме – рече Мицкоски и додаде дека утре на лидерската ќе се постигне договор за избори.