Стопанската комора сака да гради мостови и да обезбеди консензус меѓу власта и опозицијата за прашањата кои се од интерес на бизнисите. Такви се акцентирањето на извозот, и посебното внимание на индустријата кои треба да обезбедат раст на економијата, изјави претседателот на Стопанската комора Бранко Азески по средбата со претседатеот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и неговиот економски тим.
– Побаравме поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, како што претходно и на конференција во Охрид од власта, за нашата програма за извозот и создавањето заеднички регионален производ за извозот. Македонија мора да се врати на индустријата – рече Азески.
Тој изјави и дека од економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ побарал она што веќе бизнисот го направил во однос на донесувањето на регулативата со оваа власт, да продолжи и доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, пак, рече дека во фокусот на економскиот дел од програмата која се подготвува ќе бидат домашните компани, врската меѓу образованието и бизнисот и привлекувањето на странски директни инвестиции.
Но, како што појасни, овој пат привлекувањето на странски инвеститори ќе се врши според потребите на македонската економија, а не како во изминатиот период само да се донесат што поголем број и да се нуди евтина работна рака.
– Ќе формираме развојни истражувачки центри во кои ќе бидат вклучени домашните кадри и ќе го направиме Центарот за иновации онаков каков што треба да биде, а не како сега. Преку низа програми ќе се обидеме да ги вратиме од странство нашите кадри – рече Мицкоски.
Говорејќи за даночната политика рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од рамниот данок.
– На првата седница на Владата ќе го вратиме рамниот данок и ќе ги вратиме акцизите на нивото од пред година и половина – рече Мицкоски.
Тој информира и дека за подготовка на програмата е правена компаративна анализа со словенечкото стопанство.