Имавме навистина убава средба, корисна за повеќе страни. Она што ние како политичка партија можевме да го слушнеме се практично потребите и предизвиците со кои што се соочува ИКТ индустријата во Македонија, вели Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ по средбата во комората МАСИТ.
Тој додаде дека и претседателката Управниот одбор на Комората МАСИТ има изработено една презентација, предлог мерки кои што според нив би требало да бидат дел од идната програма на идната Влада.
– Ние едногласно се сложивме овде дека се многу слични на оние мерки кои што идната програма на идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ веќе ги предвиде. Така што имаат дел од тие мерки кои што исто така ќе ги додадеме. Бидејќи како што кажавме и на претходните средби со стопанственици, и на средбата со Стопанската Комора на Македонија програмата се уште ја нема онаа финална верзија, се уште е во работна верзија. Така што сето она кое што цениме дека се вклопува, а истовремено не го доведува во подредена положба ниту Буџетот, ниту државата би требало да биде составен дел од програмата на идната Влада, економската програма и мерките кои што ќе ги предложи идната Влада – рече Мицкоски.
Тој ги повтори мерките за кои се залага партијата – рамниот данок, напуштање на политиките на прогресивно оданочување, целосно нивно укинување и враќање на рамниот данок во првите 100 дена законско решение за рамен данок од 9%, а година дена потоа и дури до 8% рамно оданочување.
– Потоа нула проценти данок на млади лица до 29 години, бидејќи денеска добивме и информација дека студенти на Универзитетите во Македонија кои што се идни ИКТ инженери се некаде отприлика околу 4 ипол илјади, односно 4.700. Ако таа бројка пред неколку години се мереше во стотици денеска ги мериме во илјадници. А, самиот развој на човештвото и самата еволуција на модерните текови наведува некако кон тоа да размислуваме многу посериозно, да стимулираме ИКТ индустријата. Бидејќи не само во Македонија, туку и во светот практично развојот и модернизацијата на општествата се императив. Ја споменавме дигитализацијата, ја споменавме трансформацијата на министерството за администрација и ИТ во министерство за дигитализација, она кое што исто така претставува еден од основните столбови во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за следните предвремени парламентарни избори – вели Мицкоски.