Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета на Штип рече дека оваа една година како на власт е СДСМ ја одбележале чемер и јад, па антивладиниот протест на 2 јуни ќе биде почетокот на падот на Заев.
– На 2 јуни ќе се собереме пред платото на Владата на Република Македонија каде што ќе ја одбележиме оваа една година на чемер и јад, влада на СДСМ предводена од Зоран Заев. Ќе понудиме решенија, нови политики но и ќе започне падот на владата на СДСМ, која што се надевам дека ќе биде конечно поразена на предвремени парламентарни избори – изјави Мицкоски.
На новинарско прашање дали протестот значи и предвестие за предвремени парламентарни избори, тој рече дека се надева оти ќе се создадат услови тие како опозиција да се чувствуваат комотно и да излезат на избори за да ја поразат оваа, како што вели, ненародна влада.
Кога станува збор за името, Мицкоски не кажа ништо ново.
– Нашата позиција е јасна, повторена во низа наврати во минатото поврзана со спорот кој што го има нашиот јужен сосед со нашето уставно име. Таа е непроменета и потврдено од страна на партиските органи во изминатите денови. Навистина не располагам со дополнитени информации кои што би значеле за вас и би биле предмет на интерес. Тоа што беше во изминативе денови презентирано на јавноста во Република Македонија тоа го знам јас – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.